Посебни правила ќе важат и за спортските натпревари, независно од тоа дали се одржуваат на стадион или во затворена спортска сала, каде влезот ќе биде дозволен исклучиво со приложен сертификат за вакцинација или прележан Ковид-19.
Со оглед на изненадувачки брзото зголемување на нови инфекции, и Австрија најавува заострување на мерките во однос на достапноста на услуги за лица кои не се имунизирани. Од 22 јули, пристапот до ноќно угостителство ќе биде возможен само за вакцинирани лица и лица со тековен негативен резултат на PCR-тест, стар не повеќе од 72 часа.
Во Кина пак, ограничувањата се особено ригорозни. Во текот на изминатата недела, десетици окружни влади во најмалку осум провинции објавија известувања со кои ги предупредуваат граѓаните дека имаат рок до крајот на јули или почетокот на август да ги примаат своите вакцини, за да не се соочат со повеќе ограничувања во секојдневниот живот.
Конкретно, на невакцинираните жители во делови од земјата ќе им биде забранет пристап до јавни услуги, вклучително и болници, училишта и домови за стари лица, јавен превоз и медицински установи.
Во однос на рестрикциите за влез, Малта станува прва земја во Европа која го забрани влезот за посетители кои не се целосно вакцинирани, со исклучок на деца под 12-годишна возраст, но со приложен негативен ПЦР тест и придружувани од родител кој е вакциниран.
Покрај Малта, како дел од новите рестриктивни мерки, најголем дел од земјите повторно ги заострија мерките за влез и престој, а затворени се и голем дел угостителски објекти или работат по посебни протоколи.
Министерот за здравство најави дека од септември се можни слични стратегии и кај нас. Јавноста е поделена по ова прашање, но се чини светот се повеќе тежнее кон овој пристап со цел заштита на населението но и стимулирање на вакцинацијата.