Утре, 20 јули, ќе биде објавен Конкурсот за пријавување на кандидати за реонски попишувачи и инструктори. Конкурсот ќе биде објавен во 4 дневни весници, како и на веб-страницата www.Popis2021.stat.gov.mk каде што од утре во 8:00 часот ќе биде активна и апликацијата за електронско пријавување.
Ги повикуваме сите заинтересирани, како и сите оние кои се пријавија на првиот повик во март годинава, да ја пополнат апликацијата и да станат дел од големиот пописен тим кој во септември ќе го спроведе долгоочекуваниот Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.
Придонесот на секој еден од нас во пописните активности претставува придобивка за сите. И како директни учесници во спроведувањето на Пописот и како даватели на податоци – придонесуваме за креирање на една прецизна слика на состојбите во државата во точно определен момент.
Оваа прецизна слика ќе овозможи донесување на издржани политики, базирани на најнови податоци, со кои ќе се планира развојот на секое поле од живеењето и работењето.
Конкурсот ќе трае до 5 август по што ќе следи тестирање, избор и обука на избраните кандидати.