Увозот на половни возила од странство не само што не се намалува, туку во првото полугодие од годинава е забележано повеќе од двојно зголемување на бројот на внесени стари возила во Македонија.
Како и досега, најголем интерес има за увоз на половни автомобили од странство, при што во првите шест месеци во земјава влегле вкупно 18.996 автомобили на старо, односно за над 10.000 повеќе во споредба со истиот период од 2020 година. Да потсетиме, забрзаниот раст на увоз на половни возила од странство влијае на зголемување на бројот на регистрирани возила во земјава.
Во првите шест месеци од годинава, увезени се 1.401 половни камиони, како и 498 нови товарни моторни возила. Воедно, податоците на Царинската управа покажуваат дека се внесени и 10 нови автобуси и минибуси, како и 108 половни возила за превоз на патници.
Поаѓајќи од фактот дека од странските земји најчесто се увезуваат дизел возила, кои патем постепено се исфрлаат од употреба во развиените држави-членки на ЕУ, транспортот има значаен удел и во загадувањето на воздухот со штетни емисии во градовите, кои пак допринесуваат за огромни реакции на јавноста особено во зимските месеци.
Покрај тоа што Владата сака да го забрани увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандард на емисии на издувни гасови, централната власт требаше од почетокот на јули да ја воведе еколошката такса за нафтените деривати, со која до 3,5 денари за литар е планирано да се зголеми цената на бензинот и дизелот во земјава. За сметка на ова, државата нуди субвенции за вградување плин во возилата, како и ослободување од посебен данок на моторни возила кај електричните возила и ослободување до 50 проценти од данокот кај хибридните возила.
Извор:nezavisen.mk