На над 20.000 службеници во јавната администрација, односно во министерствата, Владата, судовите, јавните обвинителства, агенциите, фондови, но и некои општини веќе им легнуваат по 9.000 денари на сметка. Станува збор за исплати за регрес за годишниот одмор или популарното К-15 кое во државата на административците им се исплаќа за прв пат во последните 25 години. К-15 добиваат сите вработени во јавната администрација кои се опфатени со гранскиот колективен договор.
Во овој договор кој се однесува на органи на државната управа, стручните служби на Владата, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието стои дека право на регрес за годишен одмор вработениот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 9000 денари нето, под услов вработениот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај работодавачот. Од УПОЗ за Фактор велат дека исплатата е почната и дека треба да заврши месецов затоа што во предизобрието нема да смее да се исплатува регресот. Оттаму велат дека за некои институции, според колективен договор, утврдено е да се исплатува висина на К-15 од 60 отсто од основица, но дека ова право се прекршува, односно и ним веќе им се исплатуваат по само 9.000 денари како регрес.
Исплатата на К-15 за јавната администрација следуваше по преговори меѓу Владата и синдикалците и ова за синдикатот е своевидна победа за вработените во овие сектори. Владата ги обезбеди парите со ребалансот на буџетот годинава и за таа намена ќе се потрошат 4 милиони евра. Сепак во јавноста, особено во приватниот сектор има реакции за исплатата на К-15 на административците кои сепак поголем дел од оваа пандемиска година го поминаа дома – а многумина, како што е познато, секако имаат мал обем на работа.
Во меѓувреме со Уредба, Владата донела одлука за зголемување на платите на дел од вработените во јавната администрација, до 30 отсто од редовната плата, што би важело за оние работници кои ќе имаат зголемен обем на работа, или се истакнале во кризни ситуации, како на пример онаа со ковидот или со пожарите.
Од Владата велат дека донеле Одлука за утврдување на критериумите врз основ на кои може да се зголеми висина на месечен надоместок до максимум 30 отсто над редовната плата, но од УПОЗ не се сигурни дека ќе има вистински критериуми за избор на тие кои имале зголемен обем на работа, па велат дека ова може да заврши со необјективен избор на подобни кои ќе добијат зголемување на платата, затоа што кој ќе добие додаток на плата, ќе одреди првиот човек на министерството или институцијата.
„Праксата покажа дека во време на ковид 19 и кризни ситуации како тековната со пожарите, во институциите се издвојуваат поединци кои не се и нема да бидат повеќе од 30 отсто од вкупниот број вработени и кои понесуваат сериозен товар од работата во исклучителни ситуации.За службениците кои извршуваат вонреден обем и вонреден тип работни задачи, одговорното лице на институцијата може да донесе одлука за зголемување на месечниот надомест до најмногу 30 отсто“, објаснија од Владата во одговорот за Фактор.
Буџетски корисници каде вработените ќе добијат додаток на плата се Министерство за одбрана, МВР, правда, политички систем и односи меѓу заедниците, МНР, финансии, економија, земјоделство, здравство, МОН, труд и социјала, локална самоуправа, култура, МИОА, транспорт и врски, екологија, потоа Владата, Секретаријат за европски прашања, Секретаријат за законодавство, Државен завод за ревизија и 21-та институција е Службата за општи и заеднички работи.