Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека вчерашната одлука на Владата да им дозволи на угостителите со 30 отсто да работат во затворениот дел е доволно олеснување, но вели дека засега неприфатливи се нивните барања да се дозволи влез на невакцинирани посетители кои се прележани од Ковид-19 најмногу до шест месеци, ниту пак можноста тие да приложат негативен PCR-тест.
Битиќи вели дека ваквата одлука се темели единствено на препораките на Комисијата за заразни болести, но признава дека „во одреден период требало да има многу порестриктивни мерки“.
Единствено заради препораките на Комисијата за заразни болести, секоја нивна препорака се разгледува на седниците на Владата и се носи како одлука. Тоа беше препорака и така се постапи. Во одреден период требаше да има многу порестриктивни мерки, а сега сме во фаза на одреден пик кој треба да започне да се намалува.
Не можам да кажам лично мислење, тоа е одлука на Комисијата. Јас ги почитувам нивните одлуки и не можеме да се мешаме. Треба да имаме разум во одреден временски период, дополнителното ПЦР тестирање нема да го зголеми бројот на посетители. Во моментот кога Комисијата ќе каже дека нешто е возможно, јас прв ќе го поддржат тоа, рече вицепремиерот денеска пред медиумите.
Угостителите бараат промени на новите мерки за заштита од Ковид-19, откако уште во првите денови од нивната примена забалежаа пад на прометот од најмалку 30 проценти во однос на изминатите недели. Се откажуваат и веќе закажаните свадби и настани зашто со бројот на вакцинирани гости, не може да се организираат.
Најавуваат протести, доколку нема можност за измени на мерките кај потврдата за прележан Ковид во последните 45 дена. Предлагаат таа да биде заменета со потврда за прележан вирус во последните шест месеци, како што е во поголем број од државите и што, како што велат, е согласно препораките на стручната јавност, или приложување на негативен PCR-тест.