Во Хрватска на оние луѓе кои се помлади од 55 години, пензиите ќе им се намалат за 27%.
Сите кои се родени во 1962 година и по неа ќе имаат 27% пониски пензии! Тоа произлегува од најновата Програма за конвергенција која заедно со Националната програма на реформи, Владата на Пленковиќ ги прифати минатиот четврток.
Земјата за пензии издвојува околу 11% од БДП, односно околу 38 милијарди куни, а владините проекции се дека до средина на векот јавните трошоци за пензии ќе се намалат на околу 7,2% од БДП.
Големото намалување на јавните трошоци би почнало од 2027 година, наведе Владата во својата програма, затоа што покрај државните пензии во поголем број ќе почнат да се исплаќаат и приватните пензиски фондови.
„Тоа намалување ќе биде до толку позначајно бидејќи пензионерите кои ќе примаат пензија од двата столба нема да имаат додаток од 27% на дел од пензиите кои се исплатува од првиот столб“ - велат од Владата.
Голема заштеда во пензиските трошоци во не толку далечна иднина се планира да се постигне со намалување на идните пензии на сите кои сега се помлади од 55 години. Сите тие се осигуреници на вториот столб, кој 15% од своите пензиски придонеси ги уплатуваат во првиот столб, а 5% во вториот столб.
Додатокот според важечкиот закон е составен дел од реформите за пресметување на пензиите, а го воведе Владата на Иво Санадер во 2007 година, затоа што новите пензионери стануваа социјални случаи. Од 2010 година тој додаток изнесува 27%, но проблемот е што додатокот се исплатува само на осигуреници на првиот столб. Вработените лица родени во 1962 година и по неа, се членови на двата пензиски столба и иако во првиот имаат поголем придонес, правото на додаток нема да се прошири и на нив.
Стратешкиот документ на Владата е за периодот од 2017 до 2020 година, кога тој проблем ќе кулминира. Ако имаат доволно стаж, жените родени во 1962 година ќе можат да одат во предвремена пензија веќе во 2019 година, а мажите во 2022 година, а пензиите ќе им бидат 27% пониски од пензиите на работниците родени во 1961 година. Условите за редовна пензија за жени стапуваат на сила во 2026 година, а за мажи од 2027 година.
Симулацијата која ја направи Даниел Нестиќ од Економскиот институт покажува дека за жена која цел свој работен век заработувала просечна бруто плата (што би била плата на наставник во училиште) разликата во пензијата е дури 514 куни.
Наместо да добие 2.845 куни, колку што и наставничка родена една година порано, нејзината пензија за идентичен стаж од 36,6 години би паднала на 2.331 куна! Овој удар на новите пензионери ќе се појави веќе во 2019 година.