Неспорно е дека ИТ компаниите водат битка за освојување нови таленти, но секако и задржување на постојните квалитетни кадри. Статистиките велат дека домашниот ИТ пазар се соочува со дефицит на искусни ИТ професионалци, па овој факт само дополнително ја отежнува работата на голем број од ИТ компаниите. Во ова „море“ се издвојува македонската iGaming компанија за развој на софтвер за спортско обложување и онлајн казина, BtoBet, која нуди голем број предности за своите вработени, меѓутоа и негува компаниска култура каде се вреднува постигнувањето на тимот, но и на поединецот. Почнувајќи од професионалната надградба на вработените, преку креативната работна средина со бројни интерни дружби и настани, па сè до приватно здравствено осигурување, бесплатни членства во фитнес центри, здрави ужинки итн., компанијата континуирано се грижи за севкупната благосостојбата на своите вработени.
Извршниот директор на BtoBet, Зоран Спасов, во интервју за ИТ.мк вели дека компанијата е во постојана потрага на таленти, токму поради споменатиот дефицит на квалитетни ИТ кадри, но и со примарен фокус за задржувањето на квалитетните членови од тимот на вработени.
„Поефикасно е да се задржат квалитетните работници отколку да се регрутираат, обучуваат и насочуваат нови, заменски работници од исто квалитативно ниво. Поради ова, создадовме бенефициска програма за задржување на вработените којашто е од витално значење и во привлекување на новите, а секако и во задржување на клучните членови од нашиот тим на вработени“, вели Спасов појаснувајќи дека оваа програма не подразбира само можност за флексибилно работно време и далечинско работење, што е неспорно, туку и континуирано напредување во кариерата.
Компанијата, инаку, по шест години самостојно функционирање, во 2020 година стана дел од реномираната глобална групација Aspire Global, што донесе голем број позитивни промени, како на бизнис план, така и во однос на менаџирањето со човечкиот капитал.
„Тоа што BtoBet стана составен дел од Aspire Global отвори, исто така, огромен број можности и за нашите вработени. Вработените не само што сега работат во мултинационална и мултикултурна средина, туку ќе имаат континуирана можност да придонесат во успехот на тимот преку различни улоги соодветни на нивните дополнителни вештини“, потенцира тој.
Сепак, светот се соочува со глобална пандемијата, на која секако ниту македонските компании не останаа имуни. Ковид-19 на компаниите им наметна да ги променат своите рутини, меѓутоа Спасов вели дека како и многу други бизниси низ целиот свет во време на пандемија, така и BtoBet активно ја анализира ситуацијата и ги зеле предвид сите можности во смисла на правење на потребните адаптации за тимот да биде што поефективен и поагилен, притоа усвојувајќи пристап во којшто работникот е на прво место.
„Почнавме да размислуваме на подолг рок, вклучително и за алтернативни начини за структурирање на работната комуникација, работните часови, како и за физичко присуство. Во овој контекст, јас сум повеќе од задоволен од нашата конвергенција кон хибриден модел на работа, при што го комбинираме далечинското работење со канцелариската работа. Сега би се осмелил да кажам дека тоа што бевме принудени да се прилагодиме на овие никогаш претходно замислени околности, беше всушност светлата страна на пандемијата“, вели Спасов, потенцирајќи дека позитивниот фидбек што го добиваат од страна на вработените укажува на тоа дека компанијата, всушност, тргнала по вистинскиот пат.
Покрај менувањето на секојдневните рутини и работни операции, Спасов истакнува дека поради пандемијата iGaming индустријата била погодена и од бизнис аспект.
„Да започнеме со тоа дека обложувањето не е нешто што е измислено пред пет или десет години и постои во различни форми уште од раните цивилизации. Дали ова значи дека iGaming индустријата беше одмината од пандемијата? Дефинитивно не, туку беше директно погодена, особено во периодот кога беа откажани сите спортски настани“, вели тој.
Но, индустријата сама по себе е доста разновидна, така што таму каде што една активност се намалува, друга активност некако го компензира делот во застој. Всушност, iGaming индустријата е една од ретките што покажа „еластична“ природа во однос на нарушувањата предизвикани од Ковид пандемијата, а пак, оваа „еластичност“ е еден од клучните фактори што ги привлекува вработените во оваа индустрија.