На светските берзи, цените на акциите драстично паднаа минатата недела, бидејќи склоноста на инвеститорите за поризични инвестиции опадна откако беше идентификувана нова варијанта на коронавирусот во Јужна Африка за која се стравува дека може да биде позаразна.
На Волстрит, Dow Jones минатата недела падна за 2 отсто, на 34.899 поени, додека S&P 500 потона за 2,2 отсто на 4.594 поени, а индексот Nasdaq 3,5 отсто на 15.491 поени.
До петок на берзите се тргуваше мирно, а потоа пазарите ги потресе веста дека во Јужна Африка е идентификувана нова варијанта на коронавирусот со голем број мутации.
Се стравува дека таа може да биде отпорна на вакцини и позаразна од претходните варијанти на вирусот.
Како резултат на тоа, многу земји, вклучително и ЕУ, Обединетото Кралство, САД и Бразил, најавија построги гранични контроли на патувањата од шест јужноафрикански земји.
Ова ги вознемири инвеститорите кои веќе беа загрижени за брзото ширење на коронавирусот во Европа и повторното заклучување во некои земји, како Австрија.
Во Германија, бројот на смртни случаи од вирусот надмина 100.000 минатата недела, Словачка објави двонеделно „заклучување“, а чешката влада порано ги затвори границите.
Сето ова може да го забави економското закрепнување на регионот од кризата со корона.