ЕВН хоум го продолжи рокот на тендерот на кој треба да се обезбеди струја за домаќинствата за идната година, што било договорено на денешниот состанок меѓу РКЕ, ЕСМ, МЕПСО и претставници на Владата во просториите на ЕВН.
Тендерот наместо до 25-ти ноември ќе трае до 2-ри декември. Според информации на Сител причина за продолжувањето е што државната ЕСМ нема да може до 25-ти овој месец да достави понуда, затоа што според информациите компанијата не знае колку електрична енергија ќе произведе бидејќи нема доволно јаглен и допрва ќе се навбавува.
Сител дознава и дека на последната владина седница месецов – на 30 ноември државната ЕСМ ќе бара и зголемување на производствената цена на електрична енергија која во моментов е 36 евра за мегават час.
Според законот за енергетика државните електрани треба да обезбедат 60% од потребите на струја до универзалниот снабувач.
Во меѓувреме МЕПСО ја доби сметката од Европа за влечењето на струјата од меѓународната мрежа. За октомври изнесува 16,5 милиони евра, а за јули, август, септември и октомври вкупно 18,5 милиони евра. Од компанијата очекуваат фактурата за ноември да биде помала затоа што сега се влече многу помалку струја од Европа во однос на претходниот период.