Бројни работници ширум светот, особено оние кои работат во ИКТ и други „дигитализирани“ сектори, ја прифатија работата од дома во изминатата година и половина. Претходно, оваа опција беше добредојдена погодност, но со појавата на пандемијата таа стана неопходност, барем кога станува збор за перцепцијата на вработените кои ги анкетираше Microsoft во Британија.
Со овој тренд се согласуваат и експертите за човечки ресурси, кои наведуваат дека можноста за работа од дома и на работното место, позната и како хибридна работа, има позитивни ефекти врз менталното здравје на вработените.
Истата анкета, спроведена во соработка со YouGov, покажа дека 51% од вработените, кои моментално имаат можност да изберат кога да работат од дома и кога во канцеларија, се подготвени да ја сменат работата доколку оваа поволност биде прекината.
Ако се земе предвид фактот дека во Британија, но и во остатокот од светот, моментално има многу значаен бран на отпуштања и промени на работните места (тренд наречен „Great Resignation“ или „Big Quit“), можеме да дојдеме до некои заклучоци зошто милиони луѓе решиле да поднесат оставки токму сега.
Истражувањето на Microsoft дава некои одговори. Анкетираните вработени во Обединетото Кралство бараат нови работни места пред се за да добијат поголема флексибилност. Од друга страна, експертите за човечки ресурси посочуваат дека немањето хибридна опција за работа е ризично за работодавачот, бидејќи може да доведе до ситуација да не може да го задржи талентот, нивните вработени да бидат помалку продуктивни, но и да доведе до „прегорување“ на работа.
„Пандемијата покажа дека организациите можат да им веруваат на своите луѓе да бидат продуктивни, каде и да работат. Сега, според тоа, имаат можност да ја преобликуваат работата околу индивидуалните работни места, преференциите и личниот живот“, е еден од наодите на оваа студија.
Во Обединетото Кралство, речиси милион луѓе смениле работа во периодот од јули до септември оваа година, што е најголем број во последните две децении, според Националното биро за статистика. Во Германија, 6% од вработените ги сменија работните места за време на пандемијата, а слични, иако малку помалку развиени, трендови беа забележани во остатокот од Европа, вклучително и Кина. Соединетите Американски Држави се во првите редови на сè, со над 4 милиони доброволни отпуштања месечно.