Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ (ПОЦ) не планира да прави корекција на постојните цени за паркирање на паркинзите со коишто стопанисуваат во центарот на Скопје.
Имајќи во предвид дека сите јавни институции и приватни компании се лоцирани во центарот на градот, доколку ги намалиме цените за паркирање ќе ги поттикнеме граѓаните да ги користат своите автомобили повеќе и ќе предизвикаме поголем сообраќаен хаос и узурпација на паркинзите за резиденти кои се обидуваме да им ги обезбедиме на жителите од општината – велат за Мета.мк од ЈП ПОЦ.
Од ПОЦ велат дека намалувањето на цените за паркирање од ЈП „Градски паркинг“ ќе го зголеми притисокот врз паркиралиштата со кои тие стопанисуваат, но тие се надеваат оти ќе се намали притисокот за паркирање врз резидентните паркиралишта на ЈП ПОЦ.
ЈП ПОЦ ќе продолжи да работи во насока намалување на комерцијални паркиралишта (паркиралишта со смс наплата) и зголемување на резидентни паркиралишта со цел да се обезбедат повеќе паркинг места за жителите и да им се овозможи полесен и побезбеден пристап до нивните домови – информираат од претпријатието.
Во зависност од тоа која зона станува збор (Зона 2, Зона 1, Зона 01, и Зона Ултра), цената за паркирање на паркинзите на ЈП ПОЦ во моментов изнесува од 50 до 100 денари за час, додека паркирањето кај паркингот на „Домот на градежници“ чини 250 денари за час. На овој начин, ЈП ПОЦ се стреми најголем дел од овие паркинг места да ги резервира за жителите на околните згради.
Повеќе на Мета.мк.