Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјални прашања, Јована Тренчевска, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и советникот на претседателот на Владата Милан Живковиќ, денес остварија работна средба со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија, предводени од претседателот на ССМ, Дарко Димовски, а на која главна тема беа барањата на синдикалците за зголемување на минималната плата во земјава.
Од ССМ порачаа дека единствената светла точка од денешната средба со Владата е тоа што за в среда е закажан Економско-социјален совет, каде што на трипартитно ниво помеѓу Владата, работниците и работодавачите ќе се одлучува за зголемување на минималната плата на 18 000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати.
„Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе“, туку „кога“ и „колку“. Затоа сум малку револтиран од односот на нашите социјални партнери. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егзистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза“, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски по денешната средба во Владата.
Претседателот на ССМ ги повика работниците на штрајк, протести и блокади на улиците доколку во среда не бидат исполнети нивните барања за зголемување на минималната плата на 18 000 денари.