Цените на нафтата на светските берзи пораснаа минатата недела, осми пат по ред, како резултат на тензиите меѓу САД и Русија околу Украина и рекордните проценки за раст на побарувачката оваа година.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 1,25 отсто, на 94,44 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 0,85 отсто, на 93,10 долари.
Новите највисоки нивоа на цените на нафтата од крајот на 2014 година во голема мера се должат на скокот на цените од 3 отсто во петокот, откако Белата куќа соопшти дека Русија сега има доволно војници да спроведе голема воена операција во Украина, така што нападот би можел да следи во секое време. Сите Американци треба да ја напуштат Украина во рок од 24 до 48 часа.
Тоа предизвика страв кај трговците од прекини во снабдувањето со енергија на Европа од Русија, пишува Хина.
Сите сакаат да обезбедат доволно нафта... Доколку дојде до инвазија и знаете дека ќе следат санкции против Русија, што може да резултира со прекин на снабдувањето со гас и нафта, изјави Ендрју Липу, претседател на Lipou Oil Associates.
„Поддршка“ на цената даде и Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), која ја зголеми проценката за побарувачката на нафта оваа година за 800.000 барели дневно, а сега очекува да се зголеми за 3,2 милиони барели дневно и да достигне рекордни 100,6 милиони барели на ден.
Проценката на ИЕА уследи по предупредувањето на ОПЕК дека глобалната побарувачка за нафта може да се зголеми уште повеќе оваа година, со оглед на силното закрепнување на економиите од кризата со коронавирусот.
Но, ИЕА исто така соопшти дека Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати би можеле да ги смират нестабилните пазари со поголемо производство.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници произвеле 900.000 барели дневно помалку од планираното во јануари, соопшти ИЕА, а Саудиска Арабија и ОАЕ имаат најрезервен капацитет за производство и би можеле да го намалат притисокот врз резервите.
Глобалните резерви на нафта штотуку се намалени - еден од факторите што ги зголемува цените кон 100 долари, поттикнувајќи ја инфлацијата ширум светот, нагласи ИЕА.
Иако растат веќе осум недели по ред, растот на цената на нафтата забавува во последните недели, бидејќи во иднина би можел да забави растот на економиите.
Имено, со оглед на тоа што инфлацијата во САД достигна 7,5 отсто, што е највисоко ниво во последните 40 години, ФЕД наскоро ќе ги зголеми клучните каматни стапки поагресивно од очекуваното.
А тоа би можело да го забави растот на најголемата светска економија, а со тоа и побарувачката на нафта.
- Податоците за инфлацијата во САД веројатно ќе го зголемат притисокот врз ФЕД да ги зголеми каматните стапки поагресивно. Ваквите проценки донекаде ги ограничија нафтените пазари, рече Ворен Патерсон од ИНГ.
По поскапувањето за повеќе од 50 отсто минатата година, цената на нафтата скокна за повеќе од 20 отсто од почетокот на оваа година.
Некои аналитичари сметаат дека поради зајакнувањето на побарувачката, и недоволната понуда, цената на барелот наскоро ќе достигне ниво од 100 долари.
Други сметаат дека трендот на поскапување наскоро би можел да се запре.
Цените на светските пазари ги поскапуваат цените и кај нас
Причина за скок на цените на нафтените деривати и кај последователно неколку недели по ред се должи на зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар.
На пладне РКЕ треба да го соопшти новиот ценовник за горивата кој ќе биде на сила една недела.