Инфлацијата во еврозоната нагло забрза во март, достигнувајќи ново рекордно ниво од 7,5 отсто, поттикната од зголемените цени на горивата и природниот гас, но и од значителниот пораст на цените на храната, покажуваат првите проценки на Евростат. Проценката покажува дека растот на потрошувачките цени во 19-те земји кои ја делат единствената валута, изразен со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени, бил значително посилен во март отколку во февруари, кога цените пораснале за 5,9 отсто на годишно ниво.
Главната причина за силното забрзување се рекордно високите цени на горивото и природниот гас, кои дополнително се поттикнати од војната во Украина и санкциите против Русија за инвазија на соседна земја. Цените на енергијата во еврозоната во март беа за 44,7 отсто повисоки во однос на истиот месец минатата година, по растот од 32 отсто во февруари.
Свежата храна исто така значително поскапе
Значително поскапеа и свежата храна, за 7,8 отсто во однос на март минатата година, по растот од 6,2 отсто во февруари, според првичните проценки.
Со исклучок на високо нестабилните цени на енергијата и храната, стапката на инфлација во март беше 3,2 отсто, пресметаа европските статистичари, што е уште подалеку од целта на Европската централна банка (ЕЦБ) од два отсто. Во февруари беше 2,9 отсто.