На денешната средба во Владата на претставниците на СОНК со премиерот Димитар Ковачевски и министерите за образование и за труд и социјална политика е понудено покачување на платите во образованието и предучилишните установи за 12 проценти. Синдикалниот лидер Јаким Неделков рече дека дојде до усогласување во рамки на владините можности и најави дека за понудата ќе треба да се изјасни членството, а тоа значи дека настава ниту утре нема да има. До утре вечер треба да се дознае дефинитивниот одговорот на СОНК дали штрајкот ќе биде прекинат.
Според тоа што е кажано, станува збор за евентуално усогласување на ставовите во рамките на можностите на државата, покачувањето да започне најдоцна од јули откако ќе биде изгласан ребалансот на буџетот, односно станува збор за зголемување на платите од 12 проценти на сегашните плати со додатоци предвидени со Колективниот договор, рече Неделков кој денешните преговори ги оцени како многу тешки и кои траеја повеќе од три часа..
Тој додаде дека тоа е максимумот што СОНК можел да го добие,но и дека е договорена и изработка на Колективни договори за детска заштита во основно и средно образование, како и за патните тошоци и К-15, што останува за работа за наредниот период.
На средбата во Владата учествуваше и Сусан Флокен, директор на Европската конфедерација на синдикати на обраованието, која претходно изјави дека е дојдена во Скопје за да изрази целосна поддршка за СОНК и да му даде поддршка и во преговорите со Владата. Неделков ѝ изрази голема благодарност за поддршката и оцени дека на преговорите биле засилени со нејзиното присуство.
Како и на претпладневната прес-конференција, Неделков повтори дека во текот на утрешниот ден ќе има консултации со членството, со цел да се изјаснат дали се прифаќа понудата од Владата за штрајкот. Тој изрази надеж дека понудата ќе се прифати со цел да заврши штрајкот и децата да се вратат во училишните клупи. Тој рече дека по завршувањето на штрајкот наставниците ќе се погрижат да биде предавана целата предвидена образована програма и изрази жалење што мораше да има прекин на наставата.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изразија надеж дека од среда децата ќе се вратат во градинките и во училиштата, а родителите ќе можат да продолжат на работа.
Според министрите, понудениот процент за покачување на платите нема да предизвика инфлација зашто со ребалансот на Буџетот ќе се изнајдат пари за платите.