Имавме можност да разговараме со Марија Јовановска, менаџерот на I Dream Concept, застапници за Magniflex. Нашиот интерес е нивната компанија, соработката со Magniflex, нивните клиенти и секако нивниот тим на вработени.
KARIERA.mk: Кога е основана Вашата компанија и која е нејзината основна дејност ?
I Dream Concept е македонска компанија, формирана при крајот на 2013-та година во Скопје, со цел да ги промовира, пренесе и имплементира најновите светски технологии и пракси, во подобрувањето на квалитетот на спиењето кај луѓето. Со оглед на огромното значење на квалитетниот и здрав сон во човековиот живот, како и самиот факт што сите ние поминуваме една третина од животот спиејќи, се одлучивме и во Македонија да ги пренесеме тајните на здравиот сон.
За таа цел, ја одбравме соработката со италијанскиот гигант MAGNIFLEX за наш прв чекор.
Со оглед на тоа што здравиот сон и спиењето се огромно поле за истражување, можам да кажам дека MAGNIFLEX е само едно мало делче од мозаикот, а ние во I DREAM CONCEPT напорно работиме на идејата да го покриеме секој детал од оваа проблематика, се до тоа - еден ден во нашата земја да осамне модерен и светски Сомнио центар каде што луѓето ќе можат да се обратат за било каков проблем, прашање и сугестија, поврана со сонот.
KARIERA.mk: Зошто се одлучивте токму за бренд како MAGNIFLEX? Што е тоа што Ве издвојува од останатите компании чија дејност е иста или слична со Вашата?
Идејата токму MAGNIFLEX да биде наш прв партнер е резултат на темелно истражување околу тоа што е квалитетно, кој се најреномирани светски брендови и што е она што се нуди кај нас.
Врз основа на ова, изборот многу лесно падна на MAGNIFLEX, заради фактот што MAGNIFLEX е реномирана италијанска компанија за производство на софистицирана линија на душеци, перници и додатоци за здрав сон, има традиција од цели 56 години и во моментов се продава во 96 земји со вкупно 35 милиони корисници.
Понатаму, морам да напоменам дека прозиводите на MAGNIFLEX не се само комерцијални, туку истите имаат своја медицинска оправданост, докажана со поседување на најстрогите сертификати.
KARIERA.mk: Што мислите зошто клиентите Ве одбираат токму Вас? Како го одржувате и зголемувате бројот на клиенти?
Како што кажав на почетокот, уште на самиот старт ние ветивме дека ќе бидеме компанија која фокусот ќе го стави на грижа за нашите клиенти. Токму затоа постојано работиме на тоа да оствариме квалитетен дијалог со нив, да слушнеме кои се нивните потреби и проблеми и конечно најдеме начин заеднички да ги решиме.
За таа цел, имаме остварено соработка со стручни лица од оваа област и заеднички работиме и на едукација на потенцијалните клиенти: континуирано издаваме печатен материјал каде можат да прочитаат нешто повеќе околу основните постулати за здрав сон и спиење, а овие печатени изданија клиентите ги добиваат гратис.
За среќа, клиентите знаат да ја препознаат одговорноста и квалитетот кој го нудиме па не одбираат и топло не препорачуваат на своите блиски.
KARIERA.mk: Колку членови брои вашиот тим? Кои се основните критериуми кои се клучни при изборот на нови членови на тимот на MAGNIFLEX?
Во моментов имаме четири Салони за Здрав Сон од кои два се во Македонија и два во Србија и 11 вработени во I Dream Concept и се разбира - многу надворешни соработници и партнери без кои нашата приказна не би била она што е.
Што се однесува до тоа, кој се може да стане член на нашиот тим - одговорот е едноставен: луѓе кај кои се препознава глад за успех!
Луѓе кои ќе се „кликнат“ со нашата идеја, луѓе кои имаат јасно зацртана цел и луѓе кои не се откажуваат!
KARIERA.mk: Колку е важно вработените во MAGNIFLEX да поседуваат soft skills и емоционална интелегенција при работа со клиенти?
Се разбира дека „емоцијата“ е важна. Лично јас сметам дека и најдобриот продукт не може да биде продаден ако оној кој го нуди не верува во истиот.
Клиентите ја чувствуваат енергијата која вработениот ја пренесува... без разлика дали зборува за продуктот, за неговото работно место или за конкуренцијата.
Тука е важно и вработениот да знае „да се стави во кожа“ на клиентот, точно да процени кои се неговите потреби и дали понуденото, решава одреден проблем што често клиентите не се ни свесни дека го имаат, за да подоцна се вратат и ни заблагодарат :)
KARIERA.mk: Како Вашите вработени со својот ангажман помагаат при развој на компанијата и забрзување на финансискиот раст, со оглед на конкуренцијата на пазарот?
Што се однесува до ангажманот на вработените, можам кратко да кажам дека сум убедена дека секој ја работи својата работа најдобро што може, владее тимски дух и меѓусебно си помагаме кога за тоа има потреба.
За конкуренцијата не размислуваме, бидејќи ни е многу поважно да сме подобри самите од себе, од ден во ден, а тоа е проверена формула за успех!