Граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе можат да се вработат во овие земји со идентификационите броеви на „Отворен Балкан-ИД“ без дополнителни административни бариери.
Како што пишува српски „Курир“, околу 30.000 многу потребни занаетчии, лекари, медицински сестри и техничари од Северна Македонија и Албанија од септември ќе дојдат на работа во Србија без никакви дополнителни документи, работни визи и посебни дозволи.
Предвидено е граѓанинот кој сака да се вработи во една од овие три земји да ги внесе своите податоци преку порталот е-Управа и на тој начин да го добие идентификацискиот број на иницијативата „Отворен Балкан“.
Секој граѓанин кој ќе пристапи до порталот и ќе го добие тој број ќе може непречено да пристапи до пазарите на трудот во сите три земји, а целта е постапката да биде иста во Србија, Северна Македонија и во Албанија.
Тоа ќе биде овозможено благодарение на иницијативата „Отворен Балкан“ и отворањето на единствениот пазар на труд.
Директорот на владината Канцеларија за ИТ и е-Управа, Михаило Јовановиќ, за Курир изјавил дека сите професии што и се потребни на Србија интересни им се на луѓето од Северна Македонија и Албанија.
-Сметаме дека ќе има работници кои ќе дојдат со завршено високо образование, но и оние кои имаат основно и средно образование. Многу се барани работниците во градежништвото и во областа на земјоделството. Треба да има многу заинтересирани и од областа на здравството, бидејќи платите овде се повисоки – рече Јовановиќ.