Рускиот производител на гас Газпром го претстави својот деловен извештај за првите седум и пол месеци од оваа година.
Наведуваа и „конзервативна проценка“ според која цената на гасот во Европа ќе надмине 4.000 долари за 1.000 кубни метри во текот на претстојната зима.
Извозот во земјите надвор од Комонвелтот на независни држави (ЗНД), односно сојузот на поранешните советски републики, изнесува 78,5 милијарди кубни метри, што е намалување за 36,2%. Истовремено расте извозот на руски гас во Кина, пишува Комерсант.
Производството на Газпром од 1 јануари до 15 август, според прелиминарните податоци, изнесува 274,8 милијарди кубни метри гас, што е за 13,2 отсто помалку во однос на истиот период лани. Побарувачката за гас што го произведува Газпром на домашниот пазар е намалена за 2,3 отсто.
Комерсант наведува дека на крајот на јули почнала да расте цената на гасот во Европа, која сега надминала 2.000 долари за 1.000 кубни метри и пишува дека причина за тоа е намалувањето на испораките на Газпром преку Северен тек.
На 15 август цената на гасот во Европа се искачил на рекордни 2.500 долари за илјада кубни метри, надминувајќи ги вредностите од почетокот на март. Гасот е сѐ поскап поради топлината и сушата, што го отежнува транспортот на јаглен по реките. Дополнително, намалени се испораките на гас од Норвешка поради поправки во производствените капацитети, пишува Комерсант.