Утре се очекува да биде донесена нова одлука за кризна состојба во делот на енергетиката која ќе важи од 1 септември. Според најавите на надлежните, нема да има рестрикции на струја во зимскиот период, доколку се се одвива според планираното. Од 1 септември стапуваат во сила и мерките за штедење на струја што ги донесе Владата, а кои ќе важат до 31 март во 2023 година.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција неодамна, рече дека не очекува да има рестрикции, ако се оди според планот на Електростопанство на Северна Македонија. Како што соопшти, се разговара и со министерствата за енергетика на Србија и на Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето.
Ако се оди според планот на ЕСМ, не очекуваме да има рестрикции. И, да не се случи некоја хаварија. Разговараме и со раководствата на министерствата во Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети како во 2009 година, за да нема проблем во делот на снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар, а тоа се поголемите компании кои прават трговија преку интерконекторите со соседите, рече Бектеши на заедничката прес-конференција со директорот на ЕСМ на која беа објавени мерките за штедење на електрична енергија.
Според генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, компанијата работи со максимален капацитет и потребите за струја на ЕВН хоум се задоволуваат исклучиво од сопствено производство. Во планот за производство на АД ЕСМ се предвидува од ноември да профункционираат трите блока во РЕК Битола.
Блок 3 во РЕК Битола е во застој заради изгорен трансформатор од надворешно влијание во текот на декември минатата година и јануари годинава. Во моментов постојниот трансформатор се наоѓа на сервисирање во Белград, а истовремено извршена е и јавна набавка за купување на нов трансформатор што не е направено 40 години од пуштањето во работа на РЕК Битола. Очекуваме на крајот на септември или на почетокот на октомври еден од трансформаторите да пристигне и на крајот на октомври да бидеме во полна капацитетност со РЕК Битола за да може еден од блоковите да влезе во краток ремонт, рече Ковачевски на неодамнешната прес-конференција во Владата.
Во функција ќе биде ставен и РЕК „Осломеј“ кој се очекува да работи со полн капацитет во текот на грејната сезона.
Токму затоа се вршат и дополнителни набавки на јаглен и за РЕК Осломеј за да може и овој важен капацитет за сигурноста и стабилноста на енергетскиот систем да работи во полна кондиција и со полно производство во текот на грејната сезона, рече Ковачевски.
Во следните денови се очекува Владата да ги објави и јавните повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија откако на БЕГ и беа одземени лиценците за работа.
Владата ја разгледа и усвои содржината на јавните повици и тендерската документација за спроведување на постапката за избор на вршител на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија, на постапката за избор на вршител на енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергија, како и за спроведување на постапката за избор на вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија, соопшти вчера владината прес-служба по седницата на Владата.
На 16 август, Владата ги објави и мерките за заштеда на струја до 15 проценти кои ќе важат до март следната година. За домаќинствата и за компаниите, тие се во вид на препораки, додека за државните институции има конкретни задолженија што ќе мора да ги испочитуваат, а во спротивно ќе следат санкции.
Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење, климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се принтаат само потребните материјали, да се заменат прозорците со енергетски ефикасни, се дел од препораките за државните институции.
Според министерот за економија, сите треба да придонесеме за заштеда на електричната енергија, а пример треба да бидат државните институции.
Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план, не само за нас, туку и за сите земји во регионот, како и во Европа. За полесно да се справиме со она што не очекува, за непречено снабдување со електрична енергија, рационално трошење и пониски сметки, подготвивме план и препораки за заштеда на струја. Мерките се поделени во повеќе категории, зависно дали се работи за домаќинства, компании или објекти, институции и претрпијатија во државна сопственост. Целта е намалување на потрошувачката за 15 отсто споредено со истиот месец лани. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат согласно етичкиот кодекс и сите уредби, одредени санкции за сите раководители на институциите, рече Бектеши на прес-конференцијата минатиот вторник.