Се зголемува основната камата на 3,5 отсто, одлучи денеска Комитетот за оперативна политика на Народната банка.
На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 3,5 отсто. Понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари. На седницата беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,5 п.п. При носењето на одлуката беше обрнато особено внимание на нагорните придвижувања на инфлацијата, којашто во септември повторно забрза, исклучиво поради прехранбената и енергетската компонента. Исто така, со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, се вели во соопштението од НБМ.
Народната банка уште од крајот на минатата година отпочна со постепено нормализирање на монетарната политика, заради одржување на среднорочната ценовна стабилност. Ова беше направено преку соодветно управување со ликвидноста, како и со постепено зголемување на основната каматна стапка. Ваквата монетарна поставеност беше поддржана и со дополнителни мерки, односно со промени кај инструментот задолжителна резерва насочени кон намалување на евроизацијата, како и со системски мерки, односно со воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5 отсто, со што дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем. Се очекува дека со зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва коишто се поповолни во однос на домашната валута, и понатаму ќе се делува врз каматната политика на банките и ќе се стимулира штедењето во денари.
Најновите податоци покажуваат годишна стапка на инфлација од 18,7% во септември, или просечна годишна инфлација во периодот јануари – септември 2022 година од 12,4 проценти.
Домашната инфлација и понатаму во најголем дел е определена од надворешни фактори, односно од порастот на увозните цени на храната и енергентите, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Од тие причини, околу 80 отсто од годишната стапка на инфлацијата во септември, односно 75 отсто од инфлацијата во првите девет месеци од годината, се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Со оглед на подолготрајните притисоци од овие цени под влијание на непредвидливи надворешни фактори и нивните преносни ефекти врз цените и на останатите производи и услуги, се подгреваат и инфлациските очекувања на економските субјекти. Поради тоа, потребно е водење претпазливи домашни политики заради внимателно управување со побарувачката. Иако кај цените на храната веќе се видливи поизразени надолни приспособувања на светските берзи, сепак нагорните притисоци од цените на електричната енергија го отежнуваат, односно го забавуваат пренесувањето на овие трендови кај цените на храната на домашниот пазар. Покрај тоа, на ова делува и неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, којашто е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија.
Домашниот девизен пазар и натаму е стабилен, а од јули наваму, девизните резерви бележат постојан раст, којшто заклучно со септември е над проектираниот. Во услови на малку поумерени притисоци од енергетската криза и прилив на девизи на менувачкиот пазар којшто е значително повисок од очекувањата, како и солидна девизна ликвидност на банките, Народната банка и натаму врши откуп на девизи и ги јакне девизните резерви. Девизните резерви се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди.