Сојузот на синдикати на Македонија на стартот од дебатата за прелдог-буџетот за 2023 во Собранието испрати писмо до координаторите на пратеничките групи од кои побара да се интеревенира амнадмански, бидејќи следната година, како што велат од здружението,не е предвиден раст на доходите на работниците во јавниот сектор.
Како Сојуз на синдикатите на Македонија во кој членуваат 70.000 работници и како единствен репрезентативен претставник на работниците во јавниот сектор, изненадени сме што предлагачот на Буџетот за 2023 година, Владата преку Министерството за финансии нема предвидено средства за усогласување на платите со порастот на минималната плата, ниту пак средства за ублажување на инфлацискиот шок како што тоа го прават европските држави, оние европски држави каде што нашите работници забрзано се иселуваат поради ваквите лоши владини политики.
Загрижува фактот што Владата има предвидено незначителни средства за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор и тоа само за оние категории за кои со порастот на минималната плата идната година, нивните плати ќе останат под неа, а во истиот нема предвидено скоро никакви средства за исплата на надоместици и додатоци на плата утврдени со закон и колективните договори, реагираат од ССМ.
Најголемата синдикална организација додава дека министерот за финансии Фатмир Бесими е „најголем синдикалец“ но само за вработените во неговиот ресор.
Сметаме дека сите пратеници треба да го следат примерот на најголемиот синдикалец помеѓу министрите во Владата, Министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој на почетокот беше најголем противник за зголемување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата и против линеарното зголемување на платите за 2806 денари колку што бараа работниците и кој беше една од главните причини за организирање на генерален штрајк во јавниот сектор кој се уште трае во јавниот сектор, за подоцна преку закон, да издејствува, а вие да изгласате зголемување на платата на вработените во министерството за финансии за 30%, чин за поздравување кој сметаме дека треба да го следите при донесување на Буџетот за 2023 година и на тој начин да им излезете во пресрет на вашите гласачи односно на вработените во јавниот сектор полесно да се справат со високата инфлација која во споредба со минатата година изнесува огромни 19.8% според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, а Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ за преживување на едно четиричлено семејно домакинство изнесува 51.514,00 денари за месец октомври или од истата само за исхрана и пијалоци се потребни 19.421,00 денар кои ниту минималната плата не ги покрива веќе во целост, додаваат од ССМ.
Синдикатот бара предлог амандмани со кои во стравките за плати, додатоци и надоместоци на плати за сите вработени во јавниот сектор за кои се покрива платата од Буџетот, да се зголеми масата на пари за најмалку 15 отсто.
Сметаме дека сите Вие треба да ја следите методологијата на Министерот за финансии, Бесими со која ги зголеми платите на вработените во неговото министерство и на тој начин, особено пратениците од владеачкото мнозинство кои гласаа против амандманите на ССМ и работниците во ребалансот на буџетот и жестоко се противеа да се предвидат средства во истиот за 2806 денари за сите работници во јавниот сектор за усогласување на платите со минималната плата, а што исто така е причина на нивната Влада да и се случува штрајк во јавниот сектор кој трае најдолго во историјата на Државата, а истовремено предизвикаа и сите работници преку ССМ да ја тужат Државата пред домашните и меѓународните судови и институции, се вели во соопштението.