Македонските министри имаат слични плати како српските колеги, но заработуваат помалку од министрите во другите држави. Во соседството повисоки плати имаат и премиерите и министрите на Грција, Албанија и Бугарија, а платите во Владата на Србија се приближно колку и македонските.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски има плата од 88.260 денари или безмалку 1.500 евра, додека платите на вицепремиерите и министрите се околу 70 тина илјади денари или речиси 1.200 евра.
Тоа е речиси двојно помалку од она што како плата го добиваат нивните косовски колеги. Во Косово, платата на премиерот изнесува 2.950 евра, на вицепремиерите е околу 2.500 евра, додека министрите имаат плати од по 2.000 евра.
Ако овие плати на македонските министри се споредат со владите од земјите во ЕУ, разликата е уште подрастична, анализира 24 инфо.
Платата на канцеларот во Австрија изнесува 22.640 евра, а на министрите е нешто над 18.000 евра, односно дури над десет пати поголеми од примањата на македонските министри.