Значителен е растот на дојдовниот туризам во Македонија, од 2005 до 2015 година за речиси 100 отсто, бележи Светската туристичка организација при Обединетите нации. За да продолжи ваквиот тренд, фокусот треба да се стави, пред се, на алтерантивниот, рурален туризам кој станува се поатрактивен во светски рамки.
Но, како што беше истакнато денеска, на првата македонска турситичка берза што ја организира новоформираната Национална асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ), многу е важно земјава да биде и дел од балканските тури како дестинација во која ќе се престојува најмалку пет дена, а не само како попатна станица.
Македонија ги поседува сите ресурси за да биде на нивото на Словенија чиј туризам учествува со 13 отсто во бруто домашниот производ (БДП). Кога ќе се обедини целиот сектор, кога ќе се поддржат агенциите кои работат дојдовен туризам и хотелите во реновирањето на нивната база, кога ќе се обезбеди поевтино кредитирање за превозниците, тогаш ќе се случи предвидуваниот раст од пет отсто во БДП до 2020 година. Тоа сериозно можеме да го постигнеме, изјави претседателот на НАИТМ Влатко Сулев.
Амбициите на туристичките работници, додаде, е процентот на туризмот во БДП да биде 10 отсто до 2025 година.
Одговорајќи на новинарски прашања, Сулев посочи дека повеќето странски гости и тур-оператори, особено оние од прекуокеанските земји, Македонија ја гледаат како дел од регионот.
Во таквите, балкански тури, земјава е најчесто попатна станица. Кога словенечките агенции прават балканска тура, операторот ги држи гостите пет дена во Словенија, а ги носи во Македонија со само едно ноќевање во Скопје. Значи, фабриката сме ние, агенциите. Затоа мораме да ги подобриме капацитетите, и човечките и ресурсите, и да успееме да ги донесеме странските оператори на Балканот. Тогаш ќе имаме шанса да ја вклучиме Македонија со минимум пет – шест дена во рутите, подвлече претседателот на НАИТМ.
Во Словенија, нагласи, тур-операторите имаат вработено по 80 – 90 луѓе и тие работат само дојдовен туризам, а нашите агенции вработуваат во просек по шест до 10 лица.
Развојот на алетрнативниот туизам е од особена корист зашто во таков случај еден странски гостин сака да остане на едно место (дестинација) неколку дена. – Туристите кои доаѓаат за т.н. авантуристички туризам, трошат по околу 100 долари на ден. Тие ни требаат. Затоа ставаме акцент на тој вид туризам и сакаме да го промовираме повеќе. Но, треба да го задржиме и групниот туризам, дополни Сулев.
На првата македонска туристичка берза, хотелите, рестораните, превозниците, винариите и туристичките и планинските водичи од Македонија ги понудија своите услуги и производи на агенциите за дојдовен туризам. – Оваа форма за организирано среќавање на понудата и побарувачката во туристичкиот сектор често се применува во развиените држави како можност сите чинители да се соберат на едно место, да разменат идеи и да се информираат за новитетите во индустријата. Но, пред се да почнат деловна соработка и да развијат нови туристички производи, информира Сулев.
Одржувањето на туристичката берза го поддржа Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка.