Португалската влада планира за шест месеци да ја прекине наплатата на Данокот на додадена вредност (ДДВ) на 44 основни прехранбени производи во земјата со цел да ја спречи високата инфлација, најави премиерот Антонио Коста.
Прекинот на наплатата е составен дел од договорот што владата го потпиша со производителите и трговците, а неговата цел е да се стабилизираат цените, рече Коста на почетокот на неделата.
Договорот вклучува и финансиска поддршка на земјоделците и сточарите во износ од 600 милиони евра.
Владата ќе ја прекине наплатата на ДДВ во следните шест месеци за леб, тестенини, ориз, млеко, јајца, јогурт, сирење, растително масло, путер, месо и риба, со можност за продолжување на мерката, изјави португалскиот премиер.
Стапката на ДДВ за основните прехранбени производи е шест проценти.
Предлогот мора да биде усвоен од страна на португалскиот Парламент, каде владата на Коста има мнозинство.
Инфлацијата во Португалија во февруари достигна 8,2 отсто и е за 0,3 процентни поени пониска отколку во еврозоната. Меѓутоа, цените на храната неодамна се зголемија за повеќе од 20 проценти.
Многу граѓани едвај врзуваат крај со крај во месецот, пред се, поради многу пониските плати отколку во другите земји од Западна Европа.
Високата инфлација во земјата премиерот Коста првенствено ја припишува на руската инвазија врз Украина и предупредува дека цените би можеле да пораснат дури и по стапувањето на сила на мерките.
Никој не знае колку долго ќе трае војната, а додека трае, постои опасност од натамошен раст на трошоците за производство, посочи португалскиот премиер.