Пописот покажа дека во Србија има помалку од 15.000 Македонци.
Според резултатите од пописот кој се одржа лани, во Србија живеат 6.647.003 лица, од кои како Македонци по националност се декларирале 14.767 лица, јави дописникот на МИА од Белград.
Во 2011 година како Македонци се изјасниле 22.755 лица, на пописот во 2002 имало 25.847 македонци, а во 1991 имало 45.068 Македонци. Тоа покажува дека континуирано се намалува број на граѓани во Србија кои се изјаснуваат како припадници на македонското малцинство.
Неофицијалните податоци со кои располагаат Македонците во Србија, како што јави дописникот на МИА, и неофицијалните податоци од ОБСЕ говорат дека во Србија живеат околу 150.000 до 200.000 Македонци.
Македонците во Србија ги имаат сите права, дури и поголеми права во однос на Македонците од остатите републики на Балканот, со истакнување на остварените резултати во образованието, културата, информирањето и службената употреба на јазикот и писмото и дека македонците можат слободно да се изјаснат за својата национална припадност, затоа загрижува опаѓањето на нивниот број, или безмалку половина за десет години, ако во 2011 имало 22.755 Македонци, а во 2022 само 14.767, пренесува дописникот на МИА.
Треба да се посочи дека во Србија на последниот попис за првпат како Горанци (област Гора на Шар Планина-Косово) се изјасниле 7.700 лица.