Фондот за здравство ги враќа сините картони за земање лекови, откако на електронските картички издадени во 2001 и 2012 година им истече рокот од 5 години. Граѓаните кои немаат важечки картички и немаат сини картони, нема да можат да земат лекови.
Некои од аптеките во коишти се обрати НОВАТВ потврдија дека вакви насоки им биле дадени од Фондот за здравство.
-Отворија во системот и ми рекоа дека не можам да добијам лекови бидејќи ми требаат сини картони, а каричката не ми важи веќе, вели Р.С. од Скопје.
Дел од граѓаните дознале за ваквата измена предоцна, откако веќе чекале по шалтерите. Од Фондот за здравство засега не споделуваат информација како планираат да се реши ситуацијата и побараа време за консултации на новото раководство со претходниот директор.
Засега нема фирма која што ќе печати нови картички. Фирмата која ги печатеше стави клуч на врата поради несогласувања со претходното раководство кое не им ги исплаќало редовно ратите. Електронските здравствени картички пратично не функционираат, а на 500 000 граѓани ќе им престане важноста на картичките до крај на годината. Фирмите почнаа да се враќаат сините картони.
-Ако можеме да најдеме некакво преодно решение да не чини многу би било идеално, но не знам колку е тоа технички возможно. Јас во понеделник имам закажано средба со директорите на Фондот за здравство и со службата за електронско здравство. Ќе седнеме ќе разгледаме за да најдеме најдобро решение за овој период од пет – шест месеци. Ако ништо друго барем да не се вратат плави картони, да се продолжат овие картички да функционираат или да одиме со нова набавка додека се организира нов тендер за нови картички, изјави неодамна министерот за здравство Арбен Таравари.
Во изминативе години повеќе пати имаше прекин и застој во печатењето на картичките. Хрватската фирма која го доби тендерот за изработка лани се повлече, а Министерството за здравство не распиша нов тендер. Здравствените власти не одговорија каде заглави тендерот, па така дел од граѓаните и покрај тоа што уплатија за картички мораа да одат на лекар со сини картони. Нјаголем дел од 46 000 вработени од здравствениот сектор и нивните семејства кои уплатија останаа без електронски здравствени картички.
Првите електронски здравствени картички беа испечатени во 2011-та година, а и покрај тоа продолжија да се користат здравствените книшки. Електронските картички ги заменија само сините картони, бидејќи во нив се содржеа само основните податоци и можеше да се види само дали пациентот е осигуреник на Фондот, но немаше информации за целата здравствена историја на пациентите.
Иако според првичните најави на тогашните здравствени власти беше предвидено да бидат бесплатни бидејќи за целиот проект имаше обезбедено 7,5 милиони евра, тогашниот министер за здравство Тодоров сепак одлучи електронските картички граѓаните сами да си ги купуваат. Од џебот на граѓаните за оваа намена се собраа од 7 до 8 милиони евра.