Стопанската комора им препорачува на стопанските субјекти, доколку се остварат заканите на УЈП за блокирање на исплатата на платите преку единствениот централизиран систем, да ги заштитат своите вработени преку исплата на нето-платите во форма на паричен трансфер, без плаќање социјални придонеси и данокот на личен доход.
Во насока на остварување на целите на своето постоење и застапување на заедничките интереси на членовите, во услови кога државната администрација наместо да ја извршува својата основна функција – да биде сервис за бизнисите и за граѓаните, ги прави нивни заложници, доколку се остварат заканите на вработените во Управата за јавни приходи за блокирање на исплатата на платите преку единствениот централизиран систем за плати под контрола на овој државен орган, во соработка со Здружението на финансиските организации и МБА, им препорачуваме на стопанските субјекти да ги заштитат своите вработени со исплата на нето-платите во форма на паричен трансфер, без плаќање социјални придонеси и данокот на личен доход. Плаќањето на социјалните придонеси и на данокот на доход да се изврши по создавањето на механизамите под контрола на Управата за јавни приходи, со анулирање на делот за ефективна нето-плата за износот на претходно исплатените парични трансфери, препорачуваат од Комората.
Воедно додава дека со оваа активност, најголемата и најбројна бизнис-заедница уште еднаш потврдува дека е во целосна функција на своите членки, компаниите, како и дека нема да дозволи приватниот сектор и неговите вработени да бидат играчка на државната управа.
Ова се предлага како превентивна мерка – за да не се дозволи повторен економски шок кај компаниите и нивните вработени, кои се главниот носител на македонската економија, а со тоа и главни кои го полнат државниот буџет.
Инаку, овој заклучок е донесен од страна на Управниот одбор на СКСМ на седницата одржана на 21 месецов, а во соработка со Здружението на финансиски организации и со Македонската банкарска асоцијација.
Не навлегувајќи воопшто во оправданоста на барањата на вработените во УЈП, укажуваме дека тоа е спор меѓу Владата и вработените во органите во нејзин состав и затоа целосно е недозволиво и неприфатливо вработените во УЈП, организирани преку Синдикалната организација, да се закануваат со некакви блокади за исплата на платите на стопанските субјекти и на нивните вработени. Такви закани и мерки може да си преземат спрема вработените во Владата и спрема нејзините функционери, а не спрема стопанските субјекти и спрема нивните вработени, кои се, всушност, главни полначи на државниот буџет, наведуваат од СКСМ.