Согласно Законот за работни односи работникот може да склучи договор за вработување со полно и неполно работно време.
Работниците кои склучиле договор за вработување со полно работно време не смеат да работат подолго од 40 часа неделно, а не помалку од 36 часа, но во одредни случани во некои професии, како полно работно време може да се смета и работно време под 36 часа неделно.
За работните места кај кои постои поголема опасност од повреди или здравствени оштетувања, со колективен договор на ниво на работодавач, полното работно време може да трае помалку од 36 часа неделно.
На работникот кој работи на особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи, а чие штетно влијание врз неговото здравје, односно работна способност не може во целост да се отстрани со заштитни мерки, работното време му се скратува сразмерно на штетното влијание врз неговото здравје, односно работна способност, во согласност со закон и колективен договор. При остварување право на плата и другите права од работен однос, скратеното работно време се изедначува со полното работно време.
Како особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи се сметаат: особено тешка физичка работа; работа под зголемен атмосферски притисок; работа под зголемена бучавост; работа во вода или влага; работа изложена на јонизирачки зрачења; работа со болни од заразни болести и со заразни материјали; работа на хируршки интервенции во операциони сали; работа во областа на психијатријата; работа со лица со најтешки пречки во психичкиот развиток; работа во судска медицина и патолошка анатомија; работа со нагризувачки материјали; работа на летачки персонал; балетски изведби; музичари на дувачки инструменти;играорци и оперски солисти; работа во близина на напон или под напон и работа на височина или длабочина.
Одобрение за работа со скратено работно време дава министерот надлежен за работите од областа на трудот, врз основа на претходно прибавено мислење од здравствена установа која врши дејност медицина на трудот и мислење од инспекција на трудот.Барање за покренување на постапка за добивање на одобрение за работа со скратено работно време може да поднесе работникот или синдикалната организација до работодавачот. Здравствената установа која врши дејност медицина на трудот и инспекцијата на трудот мислењето го доставуваат врз основа на претходно изготвен и доставен елаборат од работодавачот.
Барање за добивање одобрение за работа со скратено работно време поднесува работодавачот до министерството надлежно за работите од областа на трудот.Кон барањето за добивање одобрение работодавачот доставува мислење од здравствена установа која врши дејност медицина на трудот и мислење од инспекција на трудот. Доколку инспекцијата на трудот утврди дека постојат услови , со решение ќе му нареди на работодавачот да покрене постапка за утврдување на скратено работно време.
Работникот кој работи на работи кои се особено тешки, напорни и штетни по здравјето не смее да работи на тие работи прекувремено, ниту може да се вработи кај друг работодавач на истите работи, за времето за кое работи со скратено работно време.