На европските берзи утринава имаше драстичен пад на цените на акциите, како и на Волстрит завчера, а освен деловните резултати на компаниите, во фокусот на инвеститорите ќе бидат и одлуките на Европската централна банка.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за повеќе од 1 процент во 9:30 часот.
Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,70 отсто, на 7.360 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,44 отсто, на 14.677 поени, а парискиот CAC за 1,18 отсто, на 6.835 поени.
Покрај кварталните деловни резултати на компаниите, во фокусот на инвеститорите ќе биде и денешната редовна средба на лидерите на Европската централна банка.
Не се очекува дополнително зголемување на клучните каматни стапки, кои се на рекордни 4 проценти, со оглед на слабеењето на економијата на еврозоната.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи
MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, со исклучок на Јапонија, беше намален за повеќе од 1 процент до 9:30 часот, паѓајќи повторно на најниско ниво во речиси една година, пренесува „Индекс.хр“.
Истовремено, јапонскиот индекс Никеи потона за повеќе од 2 отсто, додека цените на акциите во Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,4 и 2,7 отсто. Во Шангај, пак, тие се зголемија за околу 0,4 отсто.
Така, берзите го следат вчерашниот остар пад на Волстрит, кога Dow Jones се лизна за 0,32 отсто, додека S&P 500 потона 1,43 отсто, а Nasdaq индексот 2,43 отсто.
Вчера беше објавено дека продажбата на нови станови силно порасна во септември, иако каматните стапки на хипотеките го достигнаа највисокото ниво во последните 23 години.
Тоа предизвика стравувања дека каматните стапки би можеле дополнително да се зголемат, па пораснале и приносите на државните обврзници кои влијаат на голем број каматни стапки на кредитите.
Американската економија продолжува да расте
Приносите на 10-годишните обврзници повторно се приближија до нивото од 5 отсто, што негативно се одрази на берзата.
Американската економија продолжува да расте и тоа е една од причините зошто приносите се толку силни. Пазарот на обврзници проценува дека економијата ќе остане силна во следниот период, вели Рајан Детрик, стратег во Carson Group.
Акцијата на Alphabet вчера беше меѓу најголемите губитници со пад на цената за повеќе од 9 отсто. Кварталните резултати на тој технолошки гигант се многу добри, но приходите од бизнисот „облак“ пропаднаа.
Падот на Alphabet ги притисна и другите технолошки акции, па индексот S&P 500 на секторот за комуникации и индексот Nasdaq, кој е преполн со технолошки акции, вчера забележаа најголем дневен пад од февруари.
Заработката на некои компании е солидна, но некои не се, што им задава главоболка на инвеститорите. Но, најголемиот проблем се високите приноси на обврзниците, кои не покажуваат знаци на олеснување, вели Детрик.