Според податоците, искажаниот годишен бруто-доход за 2022 година изнесува 413,8 милијарди денари, пресметаниот данок на личен доход е 25,7 милијарди денари. Вкупниот приход на граѓаните е за 47,2 милијарди повисок во однос на 2021 година, данокот на личен доход 3,3 милијарди денари повисок во 2022 година, извести на денешната прес-конференција директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
Годишните даночни пријави УЈП ги изготвува врз основа на податоците од пресметките за исплата на доход поднесени од компаниите во земјата, пресметките со кои граѓаните пријавиле дека оствариле доход од физички лица од земјата, пресметките со кои граѓаните пријавиле доход од странски фирми и странски физички лица, годишниот даночен биланс и решенијата за данок на личен доход, кој се утврдува според паушално утврден нето-доход од вршење самостојна дејност.
Според податоците, 617.854 лица оствариле бруто-доход од 100.000 до 1 милион денари, а 62.455 граѓани оствариле бруто-доход над 1 милион денари.
Како што информира Лукаревска, во споредба со 2021, во 2022 година се бележи раст на граѓани што оствариле доход што спаѓа во врвните прагови, односно 28 граѓани во 2022 година оствариле приход над 100 милиони денари, што е за тројца повеќе од 2021 година. 995 граѓани оствариле приходи од 10 милиони до 100 милиони денари, што е за 238 лица повеќе од 2021 година.
446 милиони денари е највисокиот вкупен годишен бруто-доход остварен по повеќе основи од жител на Скопје и највисоката годишна бруто-плата во 2022 година исплатена е кај граѓанин од Скопје.
Платата е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 144 милиони денари.
Највисокото лично примање во износ од 280,6 милиони денари по основ на извршена работа е остварена исто од Скопје, доход што лицето го остварило во странство.
173,4 милиони денари е највисоката остварена капитална добивка од жител на главниот град, остварена при продажба на удел во трговско друштво, соопшти директорката на Управата за јавни приходи.