Потрошувачката на електрична енергија од електричните автомобили и камионите во Европа најверојатно ќе се зголеми на 355 терават часови до 2040 година, од 16 терават часови во моментов, според студијата објавена во четвртокот.
Тоа одговара на дополнителна побарувачка од 13 отсто од вкупната електрична енергија произведена во Европската унија денес, се вели во студијата на консултантската компанија "PwC", која ги направила пресметките заедно со Институтот за системи за истражување и иновации Фраунхофер.
Десет терават часови одговараат на годишната побарувачка на околу 500.000 домаќинства со годишна потрошувачка од по 20.000 киловат часови.
До 2040 година, сите новорегистрирани автомобили и камиони во ЕУ се очекува да бидат електрични возила со батерии или да се напојуваат со водород. Се очекува дека дотогаш 70 отсто од автомобилите и 65 отсто од камионите на патиштата сепак ќе користат бензин или дизел како гориво.
Затоа, ќе помине доста време пред да видиме претежно електрични возила во возниот парк и пред тие да ги отстранат моторите со внатрешно согорување од фокусот на јавноста, вели експертот за индустријата на "PwC", Филип Роуз.
Сепак, бидејќи сопствениците на постари возила имаат тенденција да ги возат своите автомобили помалку од оние со понови возила, директните емисии на јаглерод диоксид (CO2) на патиштата веројатно ќе се преполоват до 2040 година.