Скопјани од денеска на домашна адреса може да добијат изводи од матичната книга на родени и на венчани. За тоа треба да се регистираат на веб-страницата на Управата за водење на матичните книги (УВМК) или на нивниот е-портал uvmk.gov.mk, да пополнат барање и по уплата ќе добијат нотификација и време за испорака на документот на домашна адреса.
Како што информира директорот на УВМК Ѓоко Котевски, проектот е дел од Планот 3-6-9, а првата достава на готов документ е веќе извршена во скопската населба Јане Сандански. Услугата на почеток ќе можат да ја користат само граѓаните на Скопје, без разлика каде се родени, а наскоро ќе биде достапна и во сите градови во Македонија.
Граѓаните може да аплицираат само за личен извод од матичната книга на родени или на венчани или за малолетно дете. При преземањето на документот на домашната адреса ќе мора да приложат личен документ за идентификација за да ја подигнат пратката, изјави Котевски по доставата на првиот готов документ во населбата Јане Сандански.
Директорот на Македонска пошта АД Скопје Фаадис Реџепи посочи дека двете институции размислуваат наскоро ваквата услуга да им биде достапна и на македонските граѓани кои живеат во странство.
На сите граѓани кои ќе аплицираат во УВМК и ќе одлучат изводот да го добијат на домашна адреса ќе им биде доставен од поштарите на Македонска пошта во рок не подолг од 72 часа по приемот. Документите ќе се доставуваат препорачано со повратница и ќе бидат следени преку системот на Македонска пошта за следење на пратките во внатешниот поштенски сообраќај (tracking trace). Тоа ќе можат да го следат службите, но и граѓаните преку веб-страницата на Македонска пошта, рече Реџепи и додаде дека Македонска пошта веќе има искуство со доставување на лични документи на амбасади и досега немало никаков проблем.