Еден показател за тоа каков менаџер е некој, е неговата желбата за доминантност во се и сешто. Можеби ќе кажете секој добар менаџер треба да биде инволвиран во се, меѓутоа всушност според многу истражувања тоа не е така!
Симон Синек е маркетинг консултант, мотивационен говорник и автор на повеќе бестселери, вклучувајќи го и неодамнешниот – “Лидерите јадат последни” (Leaders Eat Last). Според Синек, добрите лидери бараат да бидат исклучени од мејловите на својот тим. Со други зборови, добрите лидери им веруваат на своите луѓе дека ќе се “изборат” со проблемите на кои тие наидуваат.
Што е она што го прават лошите менаџери?
Лошите лидери бараат да бидат вклучени во мејловите кои се испраќаат помеѓу вработените бидејќи сакаат сè да држат под контрола. Тие не само што се параноични, туку и немаат доверба во своите луѓе.
Синек вели дека лошите лидери се оние кои, освен што ги следат сите мејлови, настојуваат да бидат вклучени во секој разговор без разлика на неговата важност. Нема поголем знак дека не им верувате на своите вработени од тоа секогаш да барате да бидете вклучени и да одговарате на секој можен мејл.
Уште една лоша страна на ваквото лидерство е тоа што вработените чувствуваат потреба постојано да го проверуваат мејлот, сметајќи дека мораат да се вклучат во секој разговор бидејќи ако тоа не се случи, шефот ќе ги смета за недоволно активни и незаинтересирани. Тоа, од друга страна им го одзема вниманието од работите кои се навистина важни.
Како да се справите со оваа желба за доминантност?
За почеток, бидете исклучени од мејловите помеѓу вашите вработени. Кажете им дека нема да бидете достапни следниот период и назначете некој надлежен. Посочете им дека верувате во нив и нивната способност да се справат со проблемите без вас.
Нема подобар начин од тоа да направите луѓето да се чувствуваат дека им верувате. Тие ќе се почуствуваат важни и компетентни а придобивките од оваа постапка ќе ги забележите за многу краток период.