Невработен Романец кој седнал да пие во локалната кафана се разбудил 2.695 километри од неговиот дом, откако претходно се расправал со пријателите дека може да најде работа.
Михаи Данчиу вели дека последното нешто на што се сеќава е дека влегол во кафана во Албести, Романија и им кажувал на пријателите дека доколку сака може да најде работа. Тогаш се разбудил во дворот на една зграда во центарот на Лондон, целиот во модринки и тој вели дека бил шокиран кога забележал дека сите околу него зборуваат Англиски.
Тој бил однесен во болница, а таму медицинска сестра од Романија му потврдила дека се наоѓа во Лондон. Тогаш медицинската сестра, Адина Костаче ја објавила приказната на Фејсбук за да можат да ја видат сите Романци во Англија и да открие како човекот успеал да стигне до Лондон.
Адина напишала на Фејсбук: „Беше пронајден пијан и изгледа бил претепан, тој беше пронајден во двор. Потоа го донесоа во болница и тој ми кажа дека не познава никого во Лондон и дека се зачудил кога забележал дека не е повеќе во Романија. Тој не знае како стигнал до Лондон. Ако некој го познава нека ми пише приватна порака и ќе му ја пренесам. Тој е примен на одделението каде што работам јас.“
Локалните медиуми во Романија потврдиле дека последен пат Михаи бил виден со пријателите во кафана, а приказната исто така била потврдена и од властите. Соседите изјавиле за локална телевизија дека Михаи живеел со неговата партнерка и нивните деца во домот на неговата баба и дека тој често велел дека ќе си најде работа. Но пред една недела исчезнал.
Еден сосед изјавил: „Тој е навистина добар дечко, но во последно време не е при себе затоа што пие премногу. Пиењето му предизвикуваше дупки во меморијата и порано, затоа не е чудно што завршил вака.“
Се претпоставува дека тој до Лондон стигнал со автобус, затоа што не би го пуштиле пијан во авион. Локалните медиуми објавиле дека властите ќе му помогнат на човекот да се врати во Романија.