Од денеска француските компании мораат да гарантираат на нивните вработени „право да се дисконектираат“ од технологија, во обид на државата да се справи со модерниот начин на живот и проверување на мејлови надвор од работното време. Според новиот закон, кој стапува во сила, организациите со повеќе од 50 вработени ќе започнат преговори за да ги дефинираат правата на вработените да ги игнорираат нивните мобилни телефони.
Прекумерната употреба на технологијата се смета за виновна за многу проблеми – од премореност, до недостаток на сон, но и друштвени и љубовни проблеми, бидејќи голем број од вработените не се сигурни дали можат да ги игнорираат пораките кои им пристигаат по работното време.
Мерката има намера да се справи со таканаречената „постојано вклучени“ работна култура, која води кон огромна количина прекувремено работно време, кое често е неплатено – додека истовремено на работниците им се дава флексибилност да работат надвор од својата канцеларија.
Сега компаниите се обврзани да преговараат со работниците за начинот на кој ќе се спроведува на овој закон. Синдикатите, кои се гледаат како заштитиници на работниците во Франција, долго време бараа акција. Сепак, новото „право на дисконектирање“ е дел од поголема контроверзна реформа на работничките права и засега не предвидува санкции за компаниите кои нема да успеат да го дефинираат.
Францускиот весник Либерасион го пофали решението во уреднички коментар во петокот, потенцирајќи дека ваквиот закон е потребен бидејќи „вработените често се вреднуваат според нивната посветеност на компаниите и нивната достапност“.
Поголеми корпорации, како Фолксваген и Дајмлер во Германија, или компанијата за нуклеарна енергија Арева и осигурителната компанија Акса во Франција, веќе преземаа чекори да ги лимитираат преписките надвор од работното време за да се намали заморот и преработеноста кај работниците.
Некои од мерките вклучуваат и прекин на поврзаноста преку мејл во ноќните часови и викендите, или дури и автоматско уништување на мејловите кои се пратени на вработени додека тие се наоѓаат на одмор.