Денес (06.12.2017 година) во Хотел Парк Скопје се одржа работилница за поврзување на побарувачката и понудата на ИТ специјалисти, на која присуствуваа повеќе од 30 IT компании, HR агенции и едукативни центри од Македонија.
Земајќи го во предвид проблемот за пристап до соодветно квалификувани кадри од страна на софтверските и ИТ компаниите во земјата, ИМЕ во соработка со KARIERA.mk ја одржаа оваа работилница на која се презентираа првичните наоди од анализата на понудата на услуги/продукти за регрутација на ИТ специјалисти, како и моделите на поврзување и адаптација на истите услуги согласно побарувањата на софтвер и ИТ компаниите.
Целта на работилницата беше поврзување на различните чинители кои можат да придонесат кон надминување на јазот помеѓу побарувачката и понудата на ИТ кадри, како и дискусија за можностите за соработка и вмрежување, согласно потребите на ИТ компаниите.
Истовремено се разгледаа понудите кои моментално се на располагање на пазарот од HR компаниите за регрутација и поддршка на IT професионалците/компаниите, како и програмите кои ги нудат едукативните институции (не-формални едукативни центри, факултети).