Нема да прегледуваат и лекуваат пациентки, само ќе пишуваат упати и ќе даваат боледувања. Ваква закана матичните гинеколози упатија до ФЗОМ преку писмо до медиумите.
Зголемување на капитацијата од 50 на 60 денари, бодот да биде според возраста на пациентката и да се дефинира пакетот на услуги кои ги покрива државата. Ова се главните барања на гинеколозите од примарното здравство.
Фондот за здраство со години ги залажува пациентите дека се е бесплатно, без да го дефинира пакетот на бесплатните услуги во примарното здравство.
А да го оставиме ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА да ги лечи пациентките и да ја намали перинаталната смртност со своите популистички политики кои немаат никаква врска со унапредување на квалитетот на здравствените услуги? Ние, МАТИЧНИТЕ ГИНЕКОЛОЗИ ќе пишуваме упати за во болница, стои во писмото од УО на ЗПГАМ.
Матичните гинеколози се револтирани бидејќи биле изоставени при последното зголемување на капитацијата, а новото раководство на Фондот тактизирало за нивните барања кои им ги доставиле во јануари.
ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА не се грижи за добриот доктор. Дури, со својот игнорантски, деградирачки, арогантен, популистички и банкарско-лихварски однос постојано и систематски се обидува да го стивне гласот на добриот доктор, делувајќи како еден од позначајните фактори на страдање на докторската заедница, се вели во писмото од Здружението на приватни гинеколози.
Од Фондот исто така писмено реагираа дека не практикуваат комуникација преку медиуми. Најавија дека во најскоро време ќе остварат нова средба со здружението на матични гинеколози, а одлуките навремено ќе ги соопштеле.
Колку за информација, треба да земеме предвид, дека матичните гинеколози се најскапо платените специјалисти во Репулбика Македонија, со просечна месечна исплата од 169 илјади денари по тим. Колку за споредба, тоа е повеќе од 55,500 денари отколку што Фондот исплаќа на општ матичен лекар, се вели реакцијата од Фондот.
Инаку во државата има 140 матични гинеколози.