Промовирани огласи »

Граѓаните кои се оштетени од работата на извршителите и кои бараат законски измени на први мај ќе излезат на голем протест за заштита на правата на граѓаните. Протестот ќе започне пред МТВ, а ќе заврши пред Владата и Собранието на Република Македонија, па затоа сите граѓани кои сакаат да дадат своја поддршка и да го искажат револот може да се придружат на иницијативата „Стоп за извршителите“. 

На 1 Мај ги повикуваме тие што се сега блокирани и тие што биле блокирани и заради тоа биле многу онеправдани, ги повикуваме сите вработени кои одвојуваат една третина од платата, тешко спечалена и мала, ги повикуваме сите пензионери, кои исто така одвојуваат по една третина од малите пензии за извршителите, за виртуелни долгови кои им се додадени на нивните сметки, ги повикуваме тие што плаќаат заостанати долгови од пред 20 години, спротивно на сите закони, сите кои се дискриминирани и осиромашени, кои едвај врзуваат крај со крај, да дојдат на Протестен марш на 1 Мај, во 11 часот, на просторот меѓу Основен суд 1 и Македонска телевизија. Ќе поминеме покрај Собрание, покрај Министерство за правда и ќе завршиме пред Владата на РМ, рече денес Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршителите“.

Неколкуте здруженија кои стојат зад иницијативата не се задоволни од предлог-законот за извршување. Тие бараат итно одблокирање на сите блокирани сметки на граѓаните и ревизија на работењето на судовите, банките, извршителите и нотарите.

Ни се случува социјален геноцид. Бараме извршителите и нотарите да се вратат во рамките на судот, а не да се богата врз грбот на нејакиот народ, кажа Глигорова.

Останува да се види дали и синдикалните и социјалните организации ќе се приклучат на овој повик.

Промовирани огласи »

Услов за запишување во градинка и во училиште ќе биде децата да бидат вакцинирани, порача министерот за здравство Венко Филипче.

Се надеваме дека тоа ќе успееме да го спроведеме годинава од септември, бидејќи треба да се прилагоди и законската регулатива во труд и социјална политика и во образование, рече Филипче.


Превентивни тимови од 23 до 29 април за време на Европската недела на имунизацијата ќе одат на терен ќе ги проверуваат вакциналните картони и ќе бараат невакцинирани деца и лица за да бидат имунизирани.

Македонија спаѓа во високо ризичните земји за појава на епидемии од смртоносни заразни болести. Некои од овие болести со децении се искоренети во Македонија, односно последниот случај на дифтерија е регистриран пред 40 години, а последниот случај на детска парализа пред 31 година.

Промовирани огласи »

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, во Вашингтон преговара со Светската банка за програма од 35 милиони долари преку која би се отвориле нови и би се реновирале постојните детски градинки во Македонија.

Оваа година СБ слави 25 годишнина и значајно е да истакнеме дека Македонија прима огромна помош од оваа институција. Разгледуваме можности за идна соработка. Еден од поважните проекти за кои разговараме е помош во социјалната сфера во висина од 35 милиони долари за отварање нови градинки и реновирање на постојните, како и подобро таргетирање на социјалната заштита, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски. 

Министерот Тевдовски и гувернерот на Народната банка на РМ Димитар Богов, денеска и утре имаат средби со заменик-претседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Миле, директорт на банката за Југоисточна Европа, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, како и со извршниот директор на СБ, Френк Хемскирк и со шефот на мисијата на ММФ за Македонија, Јасмин Рахман. 

Најавува и дека со новиот закон за јавни набавки ќе се промени системот за таа намена во Македонија и оти ќе постои многу поголема транспарентонст, ќе нема проблематични бирократски процедури и ќе се постават механизми за спречување злоупотреби.

Во моментов доставен е Предлог закон на јавен увид и изработен заедно со Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Организиравме неколку јавни дебати низ Македонија од кои добивме повратни сугестии од страна на договорните органи, од локалните институции како и од невладините организации. Сите заедно партиципираме за да се изработи европски закон за јавни набавки, изјави Тевдовски. 

Според него, една од најважните работи во новиот закон е тоа што секој договор и анекс ќе мора да бидат поставени во електронскиот систем за јавни набавки на увид на јавноста, како важен механизам за спречување злоупотреби. 

Промовирани огласи »

Субвенции за велосипеди, нов екоавтобус и велосипедски патеки, најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. 

Јавниот повик за субвенции за велосипеди ќе биде објавен денеска, а за првпат ќе им се овозможи и на лицата со телесен инвалидитет да аплицираат на огласот.

Воведовме измени во Правилникот со цел да овозможиме поголем број граѓани да добијат субвенции, а за првпат им овозможуваме и на лицата со телесен инвалидитет да добијат можност да аплицираат на јавниот повик. На овој начин, со мало намалување на максималната висината на субвенцијата, обезбедуваме субвенции за велосипеди за околу 1.000 граѓани повеќе во однос на минатата година, изјави Шилегов, додавајќи дека субвенциите ќе се доделуваат по принципот прв дојден-прв услужен.

Автобусот на гас, за кој е потпишан договор со полската компанија „Соларис“, ќе сообраќа на линијата број 2 на релација од Автокоманда до Сарај и обратно.

Споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси, овој автобус троши двојно помалку, што дополнително ќе ги намали трошоците за гориво на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитува значително помалку СО2, што речиси воопшто не го загадува воздухот, истакна денеска Шилегов.

Претходно, потпишани се договори и со „Чериот Моторс“ за електричен автобус и со „МАК АУТО СТАР“ за автобус на гас коишто ќе сообраќаат пробно низ улиците на Скопје.

Годинава, како што посочи скопскиот градоначалник, се предвидува буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари за ЈСП, како и во висина од 20 милиони денари за приватните превозници. 

Од Градот истакнуваат дека забрзано се работи и на изградба на нови и реконструкција на веќе постојните велосипедски патеки, а во завршна фаза е и изградбата на велосипедската патека по должина на булеварот „8 Септември“. 

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »