Македонија се најде во Топ-10 земји со најголем број на вработувања од странски директни инвестиции во светот лани, откако институтот ИМБ го објави извештајот „Глобални локациски трендови“ за 2018-та.
Извештајот е специјален за ефектот на странските инвестиции, а Македонија се најде на врвот на ранг-листата по број на нови вработувања на секои милион жители.
Македонија за 2017-та го завзема десетото место со нешто повеќе од 1.400 нововработени на милион жотели, или вкупно околу 2.800 нововработени во 2017, ако се земе во предвид дека земјата има два милиони жители.
Македонија е сепак единствена во Топ-10 што во 2017-та паднала во однос на вкупниот просек споредено со периодот 2012-2016-та. Во овој период се вработувале просечно по 2.650 годишно кај странските инвеститори при милион жотели, или вкупно по повеќе од 5.000 работници годишно. Безмалку преполовениот пад во 2017-та може да се објасни само со големите политички турбуленции и промени, особено што таа година имаше голем пад на меѓународни вложувања, за разлика од оваа година кога тие се рекордни во позитивна смисла.
Сите други девет земји имаат напредок, а на првото место убедливо е Србија со безмалку 3.000 нови вработувања на милион жители во 2017-та. Следуваат Литванија (2.600), БИХ (2.400), Словенија (2.050), Коста Рика (2.000), Ирска (1.950), Унгарија (1.750), Словачка (1.700) и Ботсвана (1.550).
Од земјите од 11 до 20 место, само Бахреин исто како и Македонија има пад во 2017 во однос на просекот од периодот 2012-2016. Послаби од Македонија се Летонија, Чешка, УАЕ, Естонија, Бахреин, Романија, Финска, Оман, Британија и Португалија. Сите се движат во рамките од 1.400 до 750 нови работни места лани врз основа на странски вложувања.
ИМБ има посебна пофалба за Балканот, кој е посебно издвоен како најуспешен и најатрактивен регион.
- На континуираните силни перформанси од страна на Србија и поширокопт Западен Балкан оваа мерка сведочи за растечкиот успех на регионот во привлекувањето странски инвестиции, цементирајќи ја својата позиција во глобалните синџири на вредности. Додека перформансите на одделни земји варираат од година во година, регионот како целина се соочува со одржливо високо ниво на интерес од странски инвеститори - се вели во извештајот.