Ноќеска во 3:00 часот завршува летното сметање на времето и почнува зимското, при што со поместување на часовникот за еден час наназад времето во 3:00 часот ќе се смета како 2:00 часот, информира Бирото за метрологија.
Часот што поради поместување на стрелките за еден час наназад се појавува два пати помеѓу 2:00 и 3:00 часот се означува – првиот пат како час 2А, а вториот пат како час 2Б, соопшти Бирото за метрологија.
Одлуката за денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето во 2018 година е објавена во Службен весник на Република Македонија број 52 од 22 март 2018 година.
Стрелките вечерва ќе се поместат и во земјите на Европа, каде што, пак, неодамна е усвоена одлуката да се укине промената на времето, според која, последното поместување на стрелките ќе се случи во октомври следната година. Според предлогот, секоја членка на ЕУ до април 2019 година треба да одлучи дали ќе остане во зимско или летно сметање на времето. Последно задолжително поместување на времето на летно сметање ќе биде на 31 март 2019 година, а членките што сакаат да се вратат на зимското сметање на времето би можело тоа да го направат уште еднаш на 27 октомври 2019 година.
Македонија го следи процесот и по усвојување на предлог-директивата претстои усогласување на националното законодавтво на РМ и определување на начинот на транспонирање на директивата.
Причина за поведување на иницијативата во европските земји за укинување на промената на времето беа негативните последици по човековото здравје, земјоделството и безбедноста во сообраќајот. А спроведената анкета покажа дека 84 проценти, или 4,6 милиони Европејци не сакаат да им се поместуваат стрелките на часовникот.
Промената на времето во Западна Европа е воведена во почетокот на 1970 година со образложение дека со тоа се продолжува денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, го подобрува приспособувањето на луѓето и работниот ден се прави поефикасен.
Преминот од летно во зимско време првпат е забележан во 1916 година во земјите на Северна Европа, а досега е воведен во околу 70 држави, главно на северната хемисфера.
Во Македонија зимското и летното сметање на времето се воведени во 1996 година.