Најголемиот аеродром на светот ќе профункционира задутре.
Во турскиот град, Истанбул во понеделник ќе биде отворен најголемиот аеродром во светот. Тој е трет аеродром во милионскиот град.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган в понеделник во Истанбул свечено ќе го отвори аеродромот. Него го градеа над 30.000 работници.
Новиот аеродром „Istanbul Yeni Havalimani“ е изграден на европската страна на Истанбул, на 35 километри северно од градот, во округот Арнавуткој. Изградбата почна во јуни 2014 година, а сега е завршена првата од вкупно четири фази на изградба. Во првата фаза аеродромот ќе може да прими 90 милиони патници.
На новиот аеродром ќе биде изграден и најголемиот светски трговски комплекс без царина.
Се очекува до 2030 година аеродромот да можат да го користат 150 милиони патници годишно, кога ќе биде завршена последната фаза.
Се проценува дека кога ќе биде завршен, аеродромот ќе има 225.000 вработени. Оттука ќе се лета на 350 дестинации ширум светот, во соработка со стотина авиокомпании.
Најфреквентниот аеродром во светот „Хартсфилд Џексон“ во Атланта, САД во 2017 година имал 105 милиони патници. Шесте аеродроми во Лондон даваат услуги на 150 милиони патници годишно.
Изградбата на аеродромот чини 10,5 милијарди евра. Ќе покрива површина од 7 659 хектари што е околу 76 квадратни километри и ќе има шест писти.