Министерката за труд и социјална политика во интервју за Дојче Веле вели дека 90.000 семејства во Македонија следната година со социјалните реформи ќе може да добијат плус 3.300 денари месечно.
Минималната плата сега изнесува 12.126 денари, но дополнително децата во тие семејства исто така ќе можат да примаат образовен и детски додаток. Што значи, едно семејство со една минимална плата со 2 деца ќе стигне некаде до над 15.000 денари..Тие ќе можат да аплицираат за образовен и детски додаток и да добијат 3.300 денари плус и со тоа неговиот приход во семејството ќе биде повисок. Додека пак, истото такво семејство ако не работи ќе зема 10.600 денари месечно социјална помош. Станува збор за 90.000 семејства со две деца кои ќе имаат право на 3.300 денари месечно додека децата се во системот на образование, односно до 18 годишна возраст - изјави Царовска.
Бидејќи социјалната помош ќе биде безмалку во висина на една плата, таа појасни дека во иднина истите што ќе ја добиваат ќе мора да прифатат и да работат.
Најработоспособното лице ќе биде активирано осум часови во денот. Нема да може да одбива работа. Веќе ги поврзавме системите на Агенцијата за вработување и Центарот за социјална работа. Тие комуницираат меѓу себе за лицето да биде присутно во мерките од оперативниот план за вработување, каде што имаме преквалификација, доквалификација, која ја викаме СИМ програма за советување и менторство, за да може лицето да се насочи кон активација. Дополнително, имате бизнис сектор кој што постојано бара да вработи и квалификува одреден кадар, посебно за нискоквалификувани работни позиции и ќе мора да се вклучува лицето - наведе министерката.
Во буџетот за 2019 пресметано е да има 2,2 милијарди денари повеќе, или околу 36 милиони евра. Работодавачите, ос маркети до текстилниот кластер, постојано прашувале и имале потреба да ги интегрираат во работниот процес. Царовска очекува прво да се „интегрираат“ најработоспособните, а на крај оние кои долги години се приматели на социјалните трансфери.