Вторник, петок, сабота и недела, се една иста приказна. Без разлика дали надвор температурата е под нулата или е плус 40 степени. Овие денови автобусите на ЈСП се полни со пензионери кои се возат бесплатно.
Некои од нив ги користат тие денови за да одат на преглед кај лекар, некои за да одат за пазарат, да се видат со пријателите или роднините, а има и такви кои прават обиколка од еден до друг крај на градот, само за да се прошетаат.
Метежот започнува на автобуските станици од раните утрински часови. Возрасни лица со торби, со колички за пазарење, со бастуни, со полесно и потешко движење се туркаат да влезат во автобусите со сите други што тргнале на работа или во некој друг правец.
Во сите тие турканици пензионерите ги забораваат лекарските препораки за тоа како треба да се однесуваат на овие високи летни температури, особено оние што имаат хронични заболувања. За нив, секако, не е препорачливо напладне во 12 часот, кога сонцето е најсилно, да стојат по станиците, а потоа да влезат во климатизираните автобуси. Овие повозрасни граѓани итајќи да го искористат бесплатниот превоз, забораваат дека си наштетуваат себеси, кога паѓаат во колапсни состојби. При таквите падови многу често се случува поединци да завршат и со скршеници, па дури и со операции од таквите трауматолошки состојби, поради што потоа многу долго не ќе можат да си ја подобрат здравствената состојба. Во таквите случаи лекувањето е долго, а тие луѓе можат да заборават на бесплатниот превоз.