Доењето е најдобар начин да се обезбедат хранливи материи кои му се потребни на детето кога ќе се роди. Мајчиното млеко е неопходно за правилен раст, развој и здравје на бебето, а воедно е добро и за физичкото и психичкото здравје на мајката. Докторите пoрачуваат дека доењето е најздравата и единствена исхрана која треба да ја прима новороденчето до едногодишна возраст покрај додатоците, што понатаму доведува и до здрава адултна популација.
Под мотото „Да се поддржат родитeлите за да се овозможи доењето“ од денеска до 7 август се одбележува Светската недела на доење.
– Педесет до шеесет проценти од мајките дојат во првите шест месеци. Сакаат да дојат 85 до 90 проценти од мајките, но имаат некакви компликации. Токму затоа во примарната здравствена заштита со мајките треба да ги надминуваме тешкотиите со кои тие се соочуваат за време на доењето, вели претседателот на поткомитетот за промоција, заштита и поддршка на доењето, д-р Мими Кимовска Христова.
Од општествена важност, посочи таа, е да се поддржи иницијативата на родителите за доењето и таа да се одржи понатаму, бидејќи
– Ќе се залагаме доењето да биде ексклузивно, како што е предвидено и од СЗО, по препорака на УНИЦЕФ, ОН и сите релеватни институции. Тоа значи до шестмесечна возраст доенчињата да примаат само мајчино млеко, а понатаму да се продолжи до двегодишна возраст, а ако треба и подолго. Во рамки на тоа може да се почне со додавање храна, но не и замена на мајчино млеко, на храна после шестиот месец, истакна д-р Кимовска Христова.
Светската недела на доењето секоја година се одбележува во 170 земји од светот со цел унапредување на здравјето на бебето.
Доењето во јавност, за жал, се уште често се поврзува со невкусно покажување на дојките во јавност. Но, сите мајки или жени кои имале прилика да видат мајка која дои сигурно ќе потврдат дека доењето во јавност исклучително ретко изгледа како невкусен чин.
Поголем дел од мајките кои дојат надвор од својот дом внимаваат на дискрецијата, првентство затоа што ни на нив самите не би им било пријатно да бидат премногу разоткриени во текот на доењето.
Британките не дојат на јавни места, иако со Законот за еднаквост донесен во Велика Британија пред три години на жените им гарантира сигурност при доење на јавни места. Како што појаснува Ејми Браун во својата анализа многу од жените сепак се воздржуваат, најчесто поради работата која ја имаат и сметаат дека не треба да бидат видени од своите колеги или работодавачи. Доктор Браун укажува дека не е доволно само да се смени законот, туку треба да се смени и свеста кај мајката, оти градите не се само дел од телото, туку е извор на храна за бебето.
Но, во некои други европски држави, како што е Данска, има забрани за доење на јавни места. Токму затоа на почетокот на летово имаше мирни протести кои се одржаа пред зградата на градскиот совет во Копенхаген, бидејќи државниот одбор за рамноправноста на граѓаните не ја прифатил жалбата на мајката на која и било забрането да го надои бебето во кафуле. Собирот на мајки се одржа под мотото: "Тоа се само гради", а мајките седнати на плоштадот ги доеја своите бебиња.
Во Македонија нема закон кој забранува да се дои на јавни места. Но, и покрај тоа многу ретко македонските мајки се решаваат тоа да го сторат во парк, кафуле, лекарска ординација или слично. Мајките, сепак, порелаксирано се чувствуваат додека се на годишен одмор и тогаш по плажите можно е да се види и по некоја доилка.
Браун, која ја проучува најраната исхрана на Универзитетот Свонси во Велс, анкетирала 602 мајки на деца помеѓу 6 и 12 месеци, за да открие дали личните карактеристики се поврзани со стапката на доење. Жените во истражувањето биле на возраст помеѓу 16 и 45 години, и припаѓале на различни социјални групи, со различни приходи, образование и нивоа на професионални достигнувања.
Браун открила дека смирените, совесни и емоционално стабилни мајки се многу порасположени да се обидат да ги дојат своите бебиња.
Но, британските закони овозможуваат добри услови за продолжено доење. Мајките можат до една година да отсуствуваат од работа, вклучувајќи и 39 недели платено породилно.
Сепак, Браун смета дека комбинацијата од лични карактеристики и култура довела некои мајки да се префрлат на вештачка исхрана. Стапката на доење во САД и Велика Британија опаднала во 20 век. До 1971 година, само 24 отсто од американските мајки воопшто и се обиделе да дојат. Кампањите за јавно здравство помогнаа за пораст на стапката на доење, но Велика Британија се уште заостанува зад другите индустријализирани земји.
И македонските лекари сметаат дека доењето е најдобар избор за правилен развој на детето, бидејќи мајчиното млеко има влијание и во подоцнежниот развој на детето, го намалува ризикот од заболувања од алергија, астма, дијабет, гојазност и инфекции и заболување од рак.
На скопската Клиниката за гинекологија и акушерство има предавања за мајките уште за време на бременоста, за важноста на доењето.
Според клекарите во Македонија, 70 проценти од родилките знаат да ги дојат бебињата, но и да се справат со проблемите доколку ги добијат за време на доењето.
Педијатрите ги советуваат младите мајки да практикуваат доење до втората година, а надлежните институции да размислат боледувањето на мајката која дои, да биде и до една година. Тие сметаат дека македонските мајки имаат желба да дојат и во тоа треба да уживаат.
- Доилките имаат помали шанси за заболат од карцином на дојка и матка, а и економски е најисплатлива храна - објаснуваат експертите.
Клинички студии покажаа дека доените бебиња поретко се разболуваат и полесно закрепнуваат. Мајчиното млеко обезбедува емоционална сигурност и намалување на стресот преку тесната поврзаност мајка-бебе. Доењето доведува до побрз развој на мускулите и коските на лицето, поретки се инфекции на дишните патишта, дијабет и малигни болести.