За петнаесет дена откако Град Скопје ја објави анкетата за нови имиња на улици, булевари, плоштади и мостови, пристигнати се 1.633 предлози. Најголем процент од предлозите односно 36 отсто се имиња на историски личности, 31 отсто на јавни личности, 11 отсто за историски настан, 9 отсто се топоними и 12 отсто други предлози, пишува СДК.
„Предложените имиња од граѓаните ќе ги разгледува Комисијата за именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје. При составувањето на оваа листа Комисијата ќе води грижа за застапеноста на предлог-имињата што означуваат личности и настани од значење за историјата, културата и науката на граѓаните што припаѓаат на заедниците што се мнозинство во Република Северна Македонија“, велат од Град Скопје.
Анкетата за нови имиња на улици и објекти е отворена до 18 август. Граѓаните кои сакаат да предложат ново име треба да пополнат онлајн-прашалник https://skopjelab.typeform.com/to/tyGGmL. Оние граѓани што не користат интернет своите предлози со кусо образложение може да ги испратат и преку пошта на адресата – Град Скопје, Совет на Град Скопје, булевар Илинден, бр. 82.
Промената на имиња на улици, булевари, плоштади и мостови ја најави градоначалникот Петре Шилегов на одбележувањето на 56-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Шилегов тогаш кажа дека Скопје по земјотресот е изграден благодарение на светската хуманост и солидарност, но за жал претходната власт многу од тие спомени избришала.
„Лани на овој ден ги вративме буквите од Тито на старата железничка станица. Пред неколку месеци катните гаражи под надлежност на Градот добија ниви имиња ’26 јули‘ и ’Беко‘. Сега тоа ќе го направиме и на други објекти, улици и плоштади. На анкета граѓаните ќе можат да предложат имиња за објекти и улици, со кои ќе се сеќаваме на денот кога Скопје повторно беше изграден“ рече Шилегов.