Цврсто сум убедена дека вложувањето во себе, во вашето образование, во изградбата на вашата личност е најголемата инвестиција, гласела реченицата со која специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи, ја започнала својата животна приказна во ЕУ инфо центарот по повод денот на жената.Фетаи отворено зборувала за тоа како растела во работничко семејство во село Неготино во Гостивар, каде било срамота жена да вози, но дека тоа не ја спречило да ги оствари своите соништа и да ставен врвен правник.
Родена сум како трето дете во работничко семејство. Во село Неготино, Гостиварско, го поминав детството и основното образование кое траеше пократко, а во средношколските денови во Боговиње, Тетовско, созреав и се заљубив во едни сини очи и се омажив на 17 години. Но и тогаш бев убедена дека можам да станам човек со висок потенцијал. Свесна бев за тешкотиите со кои ќе се соочам во моето образование. Моите родители беа работници кои можеа да ми дадат само вербална поддршка, но бев цврсто определена дека ќе застанам на свои нозе и ќе го постигнам она што го замислував како дете - да станам успешна жена и да оставам некој белег во општествениот живот, вели Фетаи.
Фетаи се запишала на Правниот факултет во Скопје, родила дете, напорно учела и студирала. Потоа родила и по втор пат, учела навечер и сонувала за високи позиции.
Решив животот да не ме води мене, туку јас него...секогаш треба да се трудиме да бидеме најдобрата верзија од себеси, вели Фатиме Фетаи.
Зборувала и за тоа дека на 26 години била избрана за јавен обвинител во основното Јавно обвинителство во Скопје. Вели и дека имала среќа што била избрана за една таква функција, и заедно со Катица Јанева да учествува во најголемата правна битка која се водела во Македонија.
Во оваа битка влегов со бебе од 4 месеци. Ова не го кажувам случајно, сакам да послужи како охрабрување за жените кои во раѓањето на деца гледаат некаква пречка за напредок во кариерата, вели Фетаи.
Заклучокот на Фетаи на крајот од говорот гласел дека не треба да се обидуваме да бидеме подобри од другите, туку да бидеме најдобра верзија на самите себе.
Говорот можете да го погледнете на приложеното видео.