Денес се одбележува Светскиот ден на штедењето, којшто е воведен на 31 октомври 1924 година, во текот на Првиот меѓународен конгрес на штедилниците во Милано, Италија. Финансиските експерти сметаат дека секој човек со редовни месечни примања може да заштеди извесна сума на пари, доколку внимава на куповните навики и си разработи добар финансиски план на својот буџет.
Од нив доаѓаат неколку корисни совети, до сите оние што имаат желба да штедат.
–Не паѓајте на реклами и не трошете пари импулсивно
Факт е дека примамливите реклами се големи виновници за тенчење на џебот. Научете да им одолеете. Понудите со натпис „екстра попуст“ , „последна распродажба“, “најевтино само сега“ и слично, ве тераат да трошите пари најчесто за производи кои не ви се најпотребни во моментот, но привремено ќе ви направат некое задоволство. Наместо да паднете на рекламите, обидете се да бидете порационални во начинот на кој ги трошите парите, без оглед дали е тоа за нова облека, некои чевли, моден додаток, телефон и сл. Токму тие пари што ќе ги дадете импулсивно, може да ги искористите за штедење. Време е да станете подисциплинирани трошачи.
-Поставете си краткорочни и долгорочни цели
Ако сакате да заштедите пари мора да си создадете план како да ги остварите целите. На пример, одредете датум до кој би требало да заштедите одредена сума, и пресметајте колку пари е потребно да издвојува секој месец за да ја постигне таа цел. Секако, внимавајте целта да биде реална и изводлива во однос на вашите приходи.
–Одбирајте штедни влогови со повисоки камати
Не се залетувајте во првата банка, на првиот шалтер, со првата понуда. Пред да решите каде и како ќе ги штедите парите, детално информирајте се за условите, каматите, можностите. Одберете ги најповолните, оние со поголеми каматни приноси. За информирање имате на располагање бројни извори, специјализирани страни и алатки за пресметка на камати на штедење.
-Стегнете заби и исплатете ги картичките
Да. Звучи невозможно, но не е така. Ако седнете да пресметате колку месечно плаќате за камати на кредитните картички, ќе ве заболи глава. Направите напор за еднократна исплата на картичките. И тоа може да се постигне со добар и реален план, само ќе мора да си скратите некои други трошоци.