Рокот за исплата на регресот за годишен одмор истекува на 31 декември. Работодавците од приватниот сектор имаат уште една недела да ја исполнат задолжителната законска обврска за исплата на регрес за годишен одмор или популарно наречен К-15.
Износот на К-15 се утврдува врз основа на просечната нето, односно бруто плата исплатена на ниво на држава во последните три месеци.
Доколку се’ уште не сте добиле регрес за годишен одмор треба да знаете дека неговиот износ е поголем во однос на износот што вработените го добиле пред 20-ти декември откако ДЗС ги објави новите податоци за движењето на платите во Македонија.
Според најновите податоци, износот на К-15 треба да се движи од 10.171 до 15.112 денари.
К-15 не им следува на сите вработени
Исплата на К-15 не треба да очекувате доколку е исполнет еден од следните услови:
1. Вработени сте во некоја јавна институција, односно во јавниот сектор. Вработените во јавниот сектор се уште немаат право на К-15 бидејќи тоа не е пропишано со нивниот Колективен договор.
2. Имате стаж во компанија кој не е подолг од шест месеци со што автоматски не ви следува исплата на регрес за годишен одмор бидејќи К-15 им се исплаќа само на вработени кои се пријавени кај ист работодавач најмалку шест месеци.
3. Доколку работите кај еден ист работодавач подолг временски период од шест месеци, но имате прекин во работен стаж.