Владата ќе донесе одлука за репрограмирање на долговите и отпис на каматите на задожените граѓани. Според информации на Фактор решението во посебна одлука ќе биде усвоено на владината седница која ќе се одржи во петок или на следната која ќе биде последна за годинава, а која е можно да биде и викендов. Нема детали кои долгови ќе се бришат, до колкава сума и кон кои доверители, но најверојатно ќе бидат опфатени повеќето јавни претпријатија.
Во меѓувеме за утре е најавен протест на извршителите во земјава кои негодуваат на новиот предлог тарифник според кои најголемата награда која може да ја земе еден извршител, ќе биде максимум 300 евра наместо, како што е уредено досега, 1000 евра.
Со протестот извршителите сакаат да го кажат својот став дека ако се опстои во намерата да стапи на сила овој тарифник, тие нема да работат повеќе и ќе настане хаос во наплатата. Бараат да се слушне и нивниот глас во носењето на регулативата.
Од Министерството за правда кои се предлагачи на тарифникот за Фактор велат дека Комората на извршители е автономна во одлучувањето и дека тие ги разгледуваат сите опции. Тврдат дека во моментов се прават анализи и дека ќе се оди на законски измени, кои ќе се очекуваат на последната владина седница. Потврдуваат дека ќе има одлука – решение за каматите односно отпис на камати на граѓаните.
Од Здружението на граѓани кои протестираат против работата на извршителите велат дека треба да се стави крај на самоволието на извршителите. Се мислеле да има контрапротест но најверојатно нема да се одржи за да не се прават проблеми.
- Со новиот тарфиник им се намалува најгоелмата награда која можат да ја земат, па се лутат. Најверојатно Владата конечно се освести, го слушнаа нашиот глас. Проектот им заврши, доста го плачкаа народот, ама си собраа бостанот па може да си одат, да си се вратат во судовите, вели Марјан Ристески.