Промовирани огласи »

Владата на денешната седница, донесе заклучок со кој 15 јули се определува за неработен ден заради непречено спроведување на изборниот процес за предвремените парламентарни избори и истиот нема да се одработува.

Владата на денешната 74-та седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести, со кој од категориите на лица кои се ослободени од работа и работни активности – родителите на деца до 10-годишна возраст, во овој период да се вратат на работните места само родителите на децата кои се вклучени во воспитно-образовниот процес во училиштата, имајќи предвид дека учебната 2019/2020 година е завршена.

Дополнително, институциите кои за време на претстојните предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија имаат зголемен обем на работа во делокругот на нивната надлежност поврзана со изборниот процес, како на пример Основниот и Вишиот управен суд, Државната изборна комисија и други, да ги вратат во редовен работен процес вработените лица во овие институции кои по различни основи се опфатени и ослободени од работни активности со мерките и препораките на Владата со цел непречено извршување на редовните законски надлежности поврзани со активностите во изборниот период, информираат од Владата.

Промовирани огласи »

Учениците се подалеку од враќање во школските клупи. Капиите на училиштата најверојатно ќе останат затворени и по 1-ви септември, судејќи по објавениот документ од Министерството за образование, кој предвивува организирање на далечинска настава во новата учебна година.

Насловен “Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава”, во документот меѓудругото се бараат измени во законската рамка.

Ќе се доуредуваат работните должности на наставниците, начинот на кој ќе ја користат информатичката технологија, а законите ќе претрпат промени и во начинот на организација на наставата и во оценувањето на учениците.

Лоцирани се и најголемите предизвици кои треба да бидат надминати во следниот период. Околу 30 илјади ученици немаат компјутер во своите домови, па заедно со недоволната дигитална писменост, се наведува дека претставуваат најголема пречка за квалитетна онлајн настава.

Концептот за далечинската настава ќе се базира врз домашни документи, но и странски искуства. Појдовна основа ќе биде “Стратегијата за образование 2018-2025”, во која учењето од далечина нема добиено преодна оценка:

“И покрај тоа што за сите основни и средни училишта се обезбедени персонални компјутери достапни за сите ученици, примената не е доволно ефективна. Недостасуваат стандарди за користење во образовниот процес, а сите наставници не се доволно обучени”, се вели во овој документ.

Од останатите новини кои би ја прателе наставата од септември, се препорачува поголема вклученост на родителите во целиот процес, како и можност за одржување на онлајн час со две паралелки одеднаш.

Од МОН наведуваат дека Бирото за развој на образованието до петок ќе прима предлози и сугестии во врска со организирањето на далечинското учење.

Промовирани огласи »

Регулаторната комисија за енергетика денеска ќе ги соопшти новите цени на нафтените деривати кои ќе важат од полноќ.

Минатата недела цената на малопродажните цени на сите нафтени деривати се зголемија за 0,50 денари.

Промовирани огласи »

Извлечени се 15-те најсреќни добитници на награда од по 100 илјади денари,  кои скенирале сметки во текот на април, мај и јуни. 

Како што информираат од Министерството за финансии станува збор за Валентина Ѓуроска, Нацо Запров, Јуле Тасевска Марков, Наталија Грчева, Сузана Антовска, Слаѓана Јовческа, Виолета Георгиева, Славица Димоска, Сузана Димитрова, Ивица Јаначков, Наталија Велиновска, Влатко Масалковски, Мухамед Мамуди, Јасмина Каранфиловска и Ванчо Ѓорѓевски. 

Тие беа извлечени во саботата, во вечерниот термин на Канал 5 ТВ. Петмина од наградените во петтото коло се од Скопје, по двајца добитници се од Струмица и од Битола и по еден од Прилеп, Гостивар, Охрид, Крива Паланка, Струга и Тетово.

Од Министерството за финансии велат дека во останатите кола до крајот на годината, односно од август до декември, месечните награди ќе изнесуваат 20.000 денари и секој месец ќе се доделуваат по 15 награди. 

Инаку граѓаните, преку МојДДВ #МојаНаграда, од први јули, скенираат сметки за три пати повеќе дневни награди од порано, односно до крај на годинава секој ден ќе се доделуваат 30 награди од по 1.000 денари. Извлекувањето на втората премија, ќе се одржи во декември, а ќе изнесува 1.000.000 денари, наместо 3.000.000 денари, како што беше првично планирано. -Доделување на повеќе дневни наградни, но во помал износ во овој период ќе претставува мотив за граѓаните да скенираат фискални сметки и да влијаат на намалувањето на сивата економија. 

Дополнително намалувањето на износите на месечните награди како и главната награда ќе овозможи сепак да продолжи наградната игра со поставените цели, но со помали износи на награди што пак ќе овозможи одвојување на одредени средства за поддршка за Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, велат од Министерството за финансии. 

Притоа 9,7 милиони денари од наградниот фонд, како што посочуваат, ќе се насочат кон солидарните фондови на Министерството за здравство и Владата за здравствени и социо-економски мерки. Граѓаните кои скенираат сметки и понатаму ќе имаат трикратна корист – ќе придонесат во борбата против сивата економија, ќе добијат поврат на ДДВ, како и можност за вредна награда. Во првото полугодие годинава скенирани се над 85 милиони фискални сметки.

Повеќе вести...
барај огласи за вработување » барај останати огласи »